Наредната година, под водство на САД и врз основа на Истанбулската иницијатива на НАТО, се планира формирање на воениот сојуз Блискоисточна стратегиска алијанса (МЕСА), кој веќе се нарекува арапско НАТО
Нов воен сојуз се појавува на глобалната геополитичка карта, чија цел е да стане бедем против ширењето на иранското влијание на арапските простори и да се зајакне безбедноста на заливските монархии. Станува збор за Блискоисточната стратегиска алијанса (МЕСА), која во јануари наредната година треба да се формира под водство на САД и дејствување на Советот за соработка во Заливот (ГЦЦ), а врз основа на истанбулската иницијатива за соработка НАТО (ИЦИ). Во сојузот, кој веќе го нарекуваат арапско НАТО, би требало, покрај САД, како водечка сила, да се вклучат сите шест членки на ГЦЦ (Бахреин, Кувајт, Оман, Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати), како и Египет и Јордан.
Идниот сојуз, според аналитичарите од институтот за поддршка на мирот „Карнеги“, сепак ќе има многу поактивна улога и многу поголеми амбиции од тоа што се прикажува.
– Трамп сака конфликт со Иран, но исто така сака, ако е можно, да избегне таа задача да им ја додели на американските војници, па изгледите дека арапскиот сојуз ќе биде подготвен да ја преземе оваа иницијатива се нешто што треба да се поддржи – наведува институтот за поддршка на мирот „Карнеги“.
Па, така, додека мигрантите од Блискиот Исток доаѓаат кон Европа и тамошните членки на НАТО, Алијансата полека се шири во спротивна насока – кон Блискиот Исток. Како што оценува „Геополитика њуз“, би била голема политичка наивност да се верува дека овие два паралелни процеса немаат никаква меѓусебна врска, дека станува збор за случајност и оти се одвива спонтано, без никаков однапред создаден план. Вистината е дека имиграциските движења од Блискиот Исток кон Европа и ширењето на НАТО на Блискиот Исток се две страни од истата геополитичка агенда, која на европските и блискоисточните простори полека но сигурно ги интегрира Европа и МЕНА (Блискиот Исток и Северна Африка) во една единствена геополитичка и геоекономска целина.
Истанбулската иницијатива на НАТО, од која треба да биде формирана новата голема геополитичка конструкција, со огромно влијание на настаните во Европа, е сосема непозната за пошироката јавност и големо прашање е колку во сето тоа има случајност. Процесите што ги произведува ИЦИ и кои допрва ќе ги произведува, ја менуваат европската реалност. Арапското НАТО не е само локален блискоисточен воен и политички сојуз на САД со заливските петромонархии туку воена и геополитичка конструкција, која ќе има многу пошироко влијание и со чија помош се спроведува интеграцијата на европските и блискоисточните простори. Новиот сојуз МЕСА би создал во регионот на Блискиот Исток масовен воен и политички комплекс, под американска контрола, чија годишна одбранбена потрошувачка би ја надминала сумата од сто милијарди долари и кој би располагал со над 300.000 војници, 5.000 тенка и илјада борбени авиони. Сојузот МЕСА би требало да ја зацврсти потпората за потиснување на иранското влијание од арапскиот свет, а кога ќе дојде вистинското време, ќе биде и оперативна основа за хибридното и директно воено дејствување против Иран, ако и кога САД ќе успеат да ги обезбедат предусловите за офанзивно дејствување, чија конечна цел е соборување на режимот во Техеран и приспособување на иранската политика на своите и на израелските потреби.
Па, така, дојде времето во спроведувањето на големата американска и европска агенда за преуредување на Блискиот Исток, да се формира формален сојуз на американските и западните сојузници, како своевидна филијала на НАТО. Затоа не е случајно што процесот на создавање на МЕСА е почнат токму преку ИЦИ, која е основана многу порано, од што јасно се гледа дека не станува збор за никаква посебна желба на американскиот претседател Трамп туку за реализација на долгогодишната американска политика. ИЦИ е основана за зајакнување на воената и политичката соработка на НАТО и заливските монархии од ГЦЦ. Со иницијативата не се опфатени Оман и најмоќната држава на ГЦЦ, Саудиска Арабија, поради изразената внатрешна опресија и контроверзиите на саудиската надворешна политика.
Но сега се прават обиди целосно да се запостави тоа и Саудиска Арабија да се вклучи во ИЦИ, која е темел на формирањето на новиот сојуз, во кој токму Ријад ќе ја има одлучувачката улога. Без Саудиска Арабија во ИЦИ можностите за формирање арапско НАТО би биле минимални, особено поради тоа што таа е најмоќна држава во ГЦЦ, кој е вториот столб во создавањето на сојузот МЕСА. Сојузот развиен од ИЦИ и ГЦЦ, под американска и сојузничка НАТО-контрола, би ги зајакнал американските и западните позиции кон Иран, ќе помогне во потиснување на иранското влијание во арапскиот свет, ќе го ограничи натамошното проектирање на руските и кинеските интереси на блискоисточните простори. Истовремено, тој би го ограничил самостојното и со Западот неусогласено однесување на членката на НАТО, Турција, и на некој начин ќе го дисциплинира Истанбул и ќе ги стави под контрола неговите амбиции за ширење на влијанието на просторите од поранешното Отоманско Царство. Поради тоа сојузот никако не ѝ одговара на турската политика, која презема сѐ што е во нејзина моќ за да го оневозможи или барем активно да ги контролира промените што со себе во регионот ги носи процесот на формирање на МЕСА.
Сојузот МЕСА би дејствувал на патот на простирање на кинескиот пат на свилата и неговите копнени и поморски компоненти, па би овозможил влијание на САД и западните сојузници на развојот на темелната кинеска стратегија. Новиот сојуз, доколку Американците успеат да го стават во функција, ќе ги контролира за САД и Европа не само енергетските извори од Персискиот или Аденскиот Залив туку и клучните поморски комуникации за доставување енергенти кон Европа и САД во поморската територија на Персискиот Залив, Арапско Море, Аденски Залив, Црвено Море, па и Средоземно Море, со помош на египетските поморски сили. Па, така, арапското НАТО во тој дел на светот ќе ги обезбеди поморските комуникации за САД и западните сојузници на ист начин како што на трансатлантската сцена НАТО ги обезбедува атлантските и медитерански комуникации. Со тоа, САД и европските сојузници, со помош на арапскиот воен сојуз, дополнително ќе ја зацврстат својата надмоќ во однос на Русија и Кина, а тоа е способноста за контрола на поморските комуникации и теснеци. МЕСА дополнително ќе ја зацврсти таа контрола на Западот над морето, бидејќи идниот сојуз ќе го сочуваат регионални актери, вооружени со најмодерното американско и европско оружје и компатибилни со доктрината на употреба на воена сила, што би ги ослободило американските сили за дејствување на Блискиот Исток, но и на Пацификот.
Од друга страна, постои и извесна можност формирањето на МЕСА да не успее поради конфликтите помеѓу идните држави-членки и меѓусебно спротивставените интереси на регионалната блискоисточна сцена. На крајот, сѐ зависи од волјата на Вашингтон, бидејќи ако тој ги притисне своите арапски партнери да стапат во заеднички воен сојуз, ќе мора и Турците да го сторат тоа. На проблемите преку кои може да се најде развојот и ставањето во функција на воениот сојуз МЕСА укажува и судбината на големата саудиска антитерористичка коалиција во Јемен, која никогаш не стана функционална. Американската поддршка на сојузот би била многу поцврста и подиректна отколку сегашната поддршка за саудиската коалиција и нејзиното неуспешно јеменско војување. Со формирањето на МЕСА под саудиска контрола, САД и европските сојузници ќе се стекнат со голем број бенефиции и ќе ја забрзаат големата, но сѐ уште скриена агенда за интеграција на Европа и Блискиот Исток во единствена геополитичка целина. Но тоа носи и негативни последици, од кои големиот имиграциски бран кон Европа е само првиот проблем со кој ќе се соочат европските простори при спроведувањето таква политика.