Дрвото на пријателство што го насадија американскиот и францускиот претседател Доналд Трамп и Емануел Макрон се исуши по една година откако беше насадено.
Макрон му го предаде младото дрвце на Трамп за време на државната посета на Вашингтон во април минатата година, а фотографијата од моментот кога овие двајца политичари го засадија дрвото со лопати во рацете, додека нивните сопруги гледаат, лани беше апсолутен хит на интернет, но и цел на бројни шеги.Францускиот претседател тогаш рече дека дрвото и неговото симболичко потекло ќе бидат потсетник во Белата куќа за нивната меѓусебна врска.
Но, неколку дена подоцна, дрвото беше извадено од земја и однесено. Се покажало дека како и сите живи организми увезени во САД, мора да помине преку карантин.
Интересно е тоа што, сушењето на стеблото се случува по континуирано влошување на односите меѓу двајцата претседатели, пренесува „Скај њуз“.
Трамп и Макрон се појавија минатата недела, кога зборуваа на одбележувањето на 75-годишнината од Денот Д во Франција. Свеченоста следеше по низа несогласувања меѓу нив за прашањата кои вклучуваат трговија и нуклеарен договор и Иран.