Бројот на презадолжени граѓани на кои им се закануваат извршители и блокирање на сметките во Словенија се зголемува секоја година, а меѓу нив не се само оние кои земале кредити на основа на швајцарскиот франк, туку и многу пензионери, покажуваат податоците од институциите кои се занимаваат со решавање на овој социјален проблем.
Словенечкиот сојуз за заштита на потрошувачите (ЗПС), кој пред три години не успеа да се договори со владата долговите до одреден износ да се отпишат со цел на презадолжените да им се овозможи нов почеток, сега издаде брошура со детални совети за тоа како да се избегне модерното должничко ропство, со основна порака дека во услови на тешка финансиска ситуација, тие не треба да ги затвораат очите пред проблемите, туку да побараат помош и да изготват план за излез од тие проблеми.
– Пред да се задолжите во банките или кај приватни лица важно е добро да размислите дали тие средства навистина ви се потребни и какви се ризиците – вели Алина Мешко од најпознатото здружение за заштита на потрошувачите, која ја издаде брошурата во која се прикажани некои шеми за самопомош на презадолжените, вклучувајќи и план на отплата, намалување на трошоците на минимум и прогласување личен стечај.
Бесплатни совети на презадолжените им нуди и Институтот за семејна терапија и образование. Аленка Хебар Лавриќ од овој Институт вели дека секоја година се забележува зголемување на бројот на оние кои им се обраќаат за помош.