Три експлозии го стресоа главниот авганистански град Кабул, во кои загинаа најмалку 12 лица и беа ранети десетици други, соопштија официјалните лица, пренесува „Ал Џезира“.
Првата експлозија утрово околу 8.10 часот беше насочена кон автобус со вработени државни службеници во источниот дел на Кабул пришто загинаа најмалку пет лица, а беа повредени уште 10 други, изјави Насрат Рахими, портпарол на Министерството за внатрешни работи.
– Прво експлодира магнетна бомба во автобус, потоа бомбаш-самоубиец се разнесе во близина на местото на автобусот, а третата експлозија се случи кога автомобил беше разнесен од страна на непознати милитанти – наведе Рахими.
Тој додаде дека автобусот му припаѓал на Министерството за рудници и нафта и предупреди дека бројот на жртвите би можел да се зголеми.
Втората самоубиствена експлозија уби најмалку седум лица и рани дваесетина други. Во третата експлозија немаше жртви, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи.
Портпарол на талибанците ја презеде одговорноста за еден од бомбашките напади во Кабул, но негираше поврзаност со другите два.