Доналд Трамп стана третиот претседател во историјата на САД чие отповикување беше изгласано од мнозинството во Претставничкиот дом на Конгресот, откако конгресмените ја поддржаа иницијативата на демократите за негов импичмент поради злоупотреба на положбата и непочитувањето на Конгресот.
Гласањето за злоупотребата на службената положба од страна на Трамп, беше подржано од сите 230 демократи во долниот дом на Конгресот, додека 197 републиканци беа против. Потоа се гласаше и за другата точка од иницијативата-опструкција на Конгресот.
Процесот на импичмент следниот месец се сели во Сенатот, кој треба да ја одлучи судбината на претседателската функција на Трамп.
Трамп ги обвини демократите дека се обидуваат да ја поништат неговата победа на претседателските избори и легалноста на неговата функција. Белата куќа го нарече гласањето за отповикување едно од најсрамотните епизоди во историјата на САД, во своето официјално соопштение.
Следниот чекор кон отповикувањето на Трамп од претседателската функција се сели во Сенатот, каде што причините за барањето за импичмент ќе бидат претставени и образложени пред порота од 100 сенатори. За отповикувањето на Трамп во Сенатот е потребно двотретинско мнозинство, што според односот на силите е тешко достижно.
Претходно, со отповикување од Конгресот се соочија и Ендрју Џонсон и Бил Клинтон. Барањето за отповикување на Клинтон не доби поддршка од Сенатот, додека Ричард Никсон поднесе оставка пред гласањето за негово отповикување поради афера „Вотергејт”.