Американскиот Сенат, по 13-часовна расправа, ги усвои правилата за водење на постапката за отповикување на претседателот Доналд Трамп, вклучувајќи го и одложувањето на дебатата за повикување сведоци до средината на судењето. Со 53 гласа „за“ и 47 „против“, Сенатот усвои план на судењето со кој им се овозможи на сенаторите обвинители уште вчера да го почнат случајот. Сенатот, во кој мнозинство имаат републиканците, претходно ги отфрли трите обиди на демократите да ја обврзат Белата куќа да достави документи во врска со исплатата на воената помош за Украина.
Со солидно мнозинство од 53 наспроти 47 гласа, Мич Меконел, лидерот на републиканците во Сенатот, исто така, јасно стави до знаење дека ќе ги блокира сите демократски обиди за промена на неговите правила. Од друга страна, Адам Шиф, лидерот на тимот за импичмент на Претставничкиот дом, кој го гони Трамп, се спротивстави на тоа, наведувајќи дека процесот „нема смисла“ и оти бил дизајниран да обезбеди да не бидат слушнати никакви докази против актуелниот шеф на Белата куќа.
– Фактите ќе излезат на крајот. Документите,што ги крие претседателот, ќе бидат објавени преку Законот за слобода на информации или преку други средства со текот на времето. Сведоците ќе ги раскажат своите приказни во книги и филмови. Вистината ќе излезе. Прашањето е дали ќе излезе навреме – порача Шиф.
Според него, правилата на Меконел имаат за цел случајот да заврши што побрзо и оти затоа повеќето Американци не веруваат дека ќе има фер судење.