Осомничениот за нападот во Утрехт, Ѓокмен Таниш пукал во роднина поради семејни несогласувања, а потоа отворил оган и врз лицата кои се обиделе да му помогнат на нападнатиот, објави турската новинска агенција Анадолија повикувајќи се на роднини на напаѓачот.
При вооружениот напад во трамвај загинаа три лица, а деветмина се повредени. Холандската полиција како главен осомничен за нападот го идентификува 37-годишниот Ѓокмен Таниш, роден во Турција.
Полицијата не ја исклучува можноста дека пукале неколку лица, како и дека станува збор за терористички напад.
Напаѓачот сѐ уште не е уапсен. Припадници на антитерористичката единица опколија една зграда под претпоставка дека таму се крие напаѓачот.
Неколку часа по пукањето во трамвајот во Утрехт се слушнаа истрели на повеќе локации, како и во близина на џамијата.
Поради нападот во Утрехт затворени се муслиманските храмови, но и универзитетите и училиштата во другите холандски градови.