Во Бугарија неодамна е откриена измамничка мрежа која за пари фалсификувала сертификати за бугарско потекло и на тој начин преку Бугарија се добивало државјанство од ЕУ, кое, како што пишува „Дојче веле“, може да се купи и илегално.
Државјанствата на ЕУ или неограничените европски дозволи за престој спаѓаат во оние кои најтешко се добиваат во светот и поради тоа големата побарувачка доведе до создавање илегален пазар, на кој корумпирани службеници од многу земји во ЕУ заработуваат пари со фалсификување документи, се наведува во текстот.
– И како тоа да не е доволно, па многу земји од ЕУ сакаат и официјално да стигнат до голема заработувачка и затоа под името „Златна виза“ тргуваат со државјанства и дозволи за престој – таложејќи милијарди, пишува во текстот.
Последен случај на недозволени махинации е забележан во Бугарија.
На почетокот од минатата недела, во Бугарија се уапсени дваесетмина службеници кои долги години издавале докази за бугарско потекло на граѓани од Македонија, Молдавија и Украина, заработувајќи на тој начин илјадници евра.
Тие кои имаат таков доказ, според законот можат да добијат бугарско државјанство.
За издавање сертификати е задолжена канцеларијата за Бугари во странство САБА. На почетокот на неделава е сменет шефот на таа канцеларија Петар Харалампиев, националистички политичар, кој се смета за водач на корумпираната мрежа. Всушност тоа е се познато веќе со години, а тоа што дури сега дошло до апсење е веројатно дел од интерната борба за моќ во владата, се нагласува во текстот на Дојче веле.
Притоа, Бугарија не е единствената земја во која тоа се работи.
Според истражувањата на локалните медиуми, во Романија и Унгарија долги години се тргува со лажни сертификати за потекло.
Системот кој во ЕУ се нарекува „Златна виза“ не е ништо со помали димензии. Според тој систем, државјанство од некоја од земјите на ЕУ, или трајна дозвола за престој, може да добие секој што ќе плати или инвестира доволно.
Половина од земјите на ЕУ, меѓу кои Бугарија, Грција, Велика Британија, Летонија, Литванија, Малта, Австрија, Португалија, Шпанија, Унгарија и Кипар, нудат такви програми.
На тој начин во изминатите неколку години се купени најмалку 6.000 државјанства и 100.000 дозволи за престој, пренесуваат организациите „Транспаренси интернешнал“ и „Глобал витнес“ во заедничкиот извештај објавен на почетокот од минатиот месец.
Вкупниот приход од така продадените документи изнесува најмалку 25 милијарди евра.
Програмата „Златна виза“ го поттикна перењето на пари и им овозможи засолниште на криминалните бизнисмени, тврдат двете организации, препорачувајќи ЕУ итно да ја укине таа пракса, пишува Дојче веле.