Сѐ поголемите севернокорејски дипломатски активности одблиску се следат од една мала и интригантна група – поранешни севернокорејски шпиони што се надеваат дека тоа значи оти конечно ќе може да се вратат дома
Ким Јонг-сик на почетокот од своите дваесетти години почувствувал дека повеќе не може да гледа како страда неговата земја. Тој посакувал да ги ослободи и двете Кореи од странските сили, за кои верувал дека ги поделиле земјите. Во 1962 година, Ким заминал кон југ и тоа како радиоинженер на севернокорејски шпионски брод.
– Ги мразев странските сили, кои ја делеа мојата земја и го принудија нашиот народ да се бори меѓу себе. Бев млад и многу близок со моето семејство во Северна Кореја. Бевме неразделни и многу се забавуваме. Но, и покрај сето тоа дојдов на југот, бидејќи мојата земја страдаше – истакнува Ким.
Шпионскиот брод направил подолга маршрута до Улсан, во обид да остане незабележан, речиси стигнувајќи до Јапонија, пред да сврти назад кон југоисточниот брег на Јужна Кореја. Но пред да може да ја изврши неговата мисија, неговиот брод беше запленет, а Ким осуден на затворска казна. Тој отслужил 26 години во јужнокорејски затвор. Ким сега е слободен и доби јужнокорејско државјанство. Но, тој никогаш не ја чувствувал Јужна Кореја како дом.
– Затворскиот живот беше многу тежок. Во јужнокорејското општество мора да ја смените вашата идеологија. Но бидејќи реков дека нема да ја сменам, тие постојано ме измачуваа и тоа за најмала причина – додава Ким.
И други севернокорејски шпиони исто така тврдат дека биле измачувани, во обид да се изнуди признание од нив дека се комунисти. Тоа се случуваше во децениите кога Јужна Кореја беше под авторитарна власт. Ким е еден од 19 бивши севернокорејски шпиони во Јужна Кореја, кои сакаат да се вратат дома. Тие ги сметаат неодамнешните самити, на кои учествуваше Северна Кореја, за последна трошка надеж. Ким е во осмата деценија од животот, но неговата марксистичка страст сѐ уште врие во него.
– Ако одите до границата, тие имаат ставено бодликава жица низ целата должина. Дали ние ги направивме тие бодликави жици? Странските сили нѐ поделија, изградија огради и нѐ спречија слободно да патуваме – истакнува Ким.
Тој зборува за договорот од 1953 година за креирање демилитаризирана зона, која го подели Корејскиот Полуостров на два дела. Примирјето беше потпишано од Северна Кореја, Кина и од Обединетите нации.
– Како може да кажете дека тоа е добро? Дури и кога ќе умирам, секогаш ќе кажувам дека тоа е ужасно. Зборуваат за денуклеаризација. Странците дојдоа и нѐ поделија и нѐ принудија да се бориме меѓу себе. Поради тоа создадовме атомски бомби. Ако беа добри со нас и ни помогнаа, тогаш зошто би правеле нуклеарки – прашува Ким.
Јанг Сун-гил исто така е верен на Северот, и покрај тоа што тоа не е негов дом. Откако примирјето за Корејската војна ги остави двете Кореи поделени, тој отпатувал во Пјонгјанг заедно со својот брат. Јужна Кореја многу будно ги следи контактите со Северот, па, така, при враќањето дома, Јанг бил уапсен поради непочитување на законите за национална безбедност. Тој и понатаму тврди дека не бил шпион. Јанг поминал 37 години во јужнокорејски затвор. Во Јужна Кореја има сопруга и семејство, но сепак, вели дека ако му се укаже шанса, ќе ги остави за да замине и да живее во Северна Кореја.
– Мој дом е онаму каде што се моите убедување. Сакам да живеам на место што ги споделува моите идеали. Сакам моите коски да бидат закопани таму. Човек си го познава умот и треба да се држи до своите принципи и да продолжи со верувањето. Можеби ќе кажете дека социјализмот ми го испрал мозокот, но јас сум доброволен комунист, а моите убедувања и ставови само се зацврстија, додека бев во затвор – истакнува Јанг.
Непосредно по разговорот, Ким и Јанг протестираа пред Министерството за обединување во Сеул, кое ги следи контактите со Северот. Тие бараат нивниот случај да биде дел од разговорите помеѓу двете Кореи, надевајќи се дека ќе биде постигнат договор за да се вратат дома.
Ваквата жестока комунистичка идеологија загрижува многу десничарски конзервативци во Јужна Кореја. Антикомунизмот е длабоко вкоренет во јужнокорејското општество. Законот за национална безбедност беше донесен како легален механизам за справување со таквите стравови. Во 1975 година, во мандат на Парк Чунг Хи, десетици дисиденти беа притворени и обвинети за учество во комунистички активности, при што осум лица беа егзекутирани по само еден ден.
Мнозинството Јужнокорејци сега се поумерени, но дури и за нив е застрашувачки севернокорејскиот тип комунизам. Тие напорно се бореа за да ги обезбедат сегашните демократски вредности. Тие жестоко протестираат, слободно го искажуваат мислењето и ја ценат нивната капиталистичка економија, која стана четврта по големина во Азија. Истовремено, Северна Кореја и натаму останува таинствена држава, каде што критиките против лидерот може да ве одведат во затвор. Не постои слобода на медиумите, а актуелните економски услови остануваат неизвесни.
Двете страни долго време чекаат за мир. Без сомнение ќе има прослави на двете страни од милитаризираната граница ако успеат да го потпишат долгоочекуваниот мировен договор, за конечно ставање крај на Корејската војна. Но дури и ако еден ден бидат отстранети мините и бодликавата жица, социјалниот и идеолошки јаз помеѓу Северот и Југот ќе биде многу тежок за надминување.