Северна Кореја се закани дека ќе стави крај на дијалогот со САД, откако американскиот министер за надворешни работи, Мајк Помпео, изјави дека едвај чека разговорите повторно да започнат.
– Слушајќи ги комичните изјави на Мајк Помпео, ни дојде до тоа да ја отфрлиме секоја надеж за обновување на дијалогот. Ќе направиме сопствен пат – рече севернокорејски претставник задолжен за преговорите за државната новинска агенција КЦНА.
Минатата недела американскиот дипломат ја повика меѓународната заедница да остане одлучна во примената на дипломатски и економски санкции поради севернокорејската програма за балистички ракети, истовремено повикувајќи на враќање на разговорите.
Аналитичарите велат дека Пјонгјанг, и покрај осудите и санкциите од меѓународната заедница, ги пополнува своите воени капацитети, малку по малку. Пјонгјанг во понеделникот го тестираше таканаречениот супер-голем ракетен фрлач, а еден ден претходно испука две балистички ракети со краток дострел во Јапонското Море.