Истражувачите од Центарот за стратегиски и меѓународни студии (ЦСМС) успеале да ги лоцираат оперативните бази, кои претходно не беа откриени од Владата во Пјонгјанг
Северна Кореја поседува најмалку 13 тајни бази со нуклеарни проектили, и покрај ветувањата на Пјонгјанг за денуклеаризација. Истражувачите од Центарот за стратегиски и меѓународни студии (ЦСМС) успеале да ги лоцираат оперативните бази, кои претходно не беа откриени од Владата во Пјонгјанг. Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп го пофали јунскиот самит со севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун дека го отворил патот за денуклеаризација на Северот, со што беа намалени тензиите, кои пред неполна година ги доведе двете страни до работ на конфликтот. По самитот во Сингапур, Северна Кореја ги запре нуклеарните и ракетните тестови, го затвори полигонот за тестирање и вети дека ќе го демонтира главниот нуклеарен комплекс ако САД направат одредени отстапки. Но откритието на ЦСМС, покажува дека севернокорејските власти не го пријавиле целиот нуклеарен арсенал, пренесува АФП.
– Не изгледа дека овие бази се замрзнати. Работата продолжува. Сите се загрижени за тоа дали Трамп ќе прифати лош договор, бидејќи тие ни дадоа само еден полигон за тестирање и демонтираа неколку други објекти, а за возврат ќе добијат мировен договор – истакнува Виктор Ча од ЦСМС.
Според ЦМСМ, базите се распоредени низ подземни објекти во тесни планински долини и се дизајнирани така што мобилните лансери на проектилите ќе можат бргу да излезат и ќе бидат поставени на претходно подготвени локации за лансирање. Базите за стратегиски оружја, како што се интерконтинентални балистички проектили, се лоцирани подлабоко во внатрешноста на земјата. Истовремено, проектилите со среден дострел, кои може да ги погодат Јапонија и цела Јужна Кореја се распоредени во оперативната зона, на 90 до 150 километри северно од Демилитаризираната зона (ДМЗ), која го дели Корејскиот Полуостров.
Истражувањето на ЦСМС се заснова врз сателитски снимки, интервјуа со пребегани Севернокорејци, како и разузнавачки и владини претставници.
Од друга страна, јужнокорејската влада и некои од аналитичарите ја намалуваат важноста на извештајот, порачувајќи дека нема нешто многу ново во неговите сознанија.
– Не гледам некоја сосема нова реалност. Полигонот Саканмол, кој е посочен во извештајот, е познат веќе подолго време, можеби најмалку 20 години – истакнува Даниел Пинкстон, професор на универзитетот „Трој“ во Сеул.
Випин Наранг, професор на МИТ, наведува дека Ким Јонг-ун на први јануари годинава буквално наредил масовно производство на балистички проектили.
– Тој никогаш не понуди да запре со нивното производство, а камоли да се откаже од нив. Описот на „измамата“ е многу погрешен. Не постои договор за прекршување – додава Наранг.
Од канцеларијата на јужнокорејскиот претседател соопштија дека разузнавачките власти во Сеул и во Вашингтон веќе биле запознаени со информациите во извештајот и оти базата Саканмол нема никаква врска со интерконтиненталните балистички проектили.
– Северна Кореја никогаш не вети дека ќе ги уништи проектилите со краток дострел или дека ќе ги затвори соодветните ракетни бази – изјави Ким Еу-кјом, портпаролот на јужнокорејскиот претседател Мун Јае-ин.
Тој предупреди дека ваквите погрешни информации би можеле да го блокираат дијалогот помеѓу Пјонгјанг и Вашингтон.
Трамп претходно порача дека се надева на нова средба со Ким, но има сѐ поголеми знаци за застој во преговорите со севернокорејските претставници. Шефот на американската дипломатија Мајк Помпео требаше минатата седмица да се сретне со Ким Јонг Чол, близок соработник на Ким, за да разговараат за напорите за денуклеаризација и подготовките за евентуален втор самит помеѓу двајцата претседатели. Но, Северна Кореја ја откажа средбата. Во меѓувреме, САД го одложија одобрувањето на неколку барања за изземање од санкциите на ОН, за испорака на трактори, резервни делови и друга хуманитарна помош за Северна Кореја.
Личниот спор на Меланија Трамп што може да ја потресе националната безбедност на САД
Првата дама на САД, Меланија Трамп, побарала од Белата куќа да ја прекине соработката со Мира Рикардел, заменичката на советникот за национална безбедност Џон Болтон. Рикардел има хрватско потекло, а за заменичка на Болтон беше именувана на почетокот од годинава.
– Ставот на канцеларијата на првата дама е дека Рикардел повеќе не ја заслужува честа да служи во Белата куќа – изјави Стефани Гришам, портпаролката на Меланија Трамп.
Според американските медиуми, сопругата на претседателот Доналд Трамп имала расправија со Рикардел во текот на нејзината тура низ Африка во октомври. Расправијата помеѓу нив две наводно избувнала поради редоследот на седење во авионот на првата дама на САД.
„Волстрит журнал“ во вторникот објави дека тимот на Меланија Трамп смета оти Рикардел стои зад негативните приказни за првата дама на САД и нејзиниот кабинет. Реакцијата на кабинетот на Меланија Трамп следува само неколку часа откако таа во одделно соопштение ги демантира информациите за расправии со Џон Кели, шефот на кабинетот на нејзиниот сопруг.
Рикардел во Вашингтон бргу се стекна со репутацијата на безмилосна десна рака на нејзиниот шеф Џон Болтон. Други ја опишуваат како лојална егзекуторка на визијата на американскиот претседател – офанзивниот реализам. Некои од американските медиуми оценуваат дека евентуалната смена на Рикардел може да ја ослабне позицијата на Болтон, што, пак, е добра вест за оние во Вашингтон што се против неговата воинствена реторика и политика.
– Внатрешните расправии во администрацијата тешко може да се дешифрираат, но на прв поглед вестите личат на добри вести за Американците што поддржуваат дипломатија и помалку војни. Џон Болтон и неговите соработници, како Рикардел, можеби добро стојат со воинственото крило на надворешнополитичките кругови во Вашингтон, но тие не се во согласност со повеќето Американци, па дури и со изборните ветувања на Трамп. Ако отстранувањето на Рикардел го ослабне влијанието на Болтон во Белата Куќа, тогаш сите би требало подобро да спиеме – оценува експертот Бенџамин Фридман од Дифенс прајоритис.