Северна Кореја во најнова официјална изјава, бара од САД да работат понапорно за да изнајдат заеднички јазик, сè со цел да се ублажат сакнциите кон земјата и денуклеаризација, со што ги предупредија лидерите во Вашингтон дека трпението на Ким Јонг-ун секојдневно е сè помало, пишува „Њузвик“.
Во вчерашната изјава, севернокорејското Министерство за надворешни работи посочува дека САД мораат да прекинат со моменталните калкулации кон Северна Кореја, доколку сакаат повторно да започнат преговорите меѓу двете земји, по неуспешниот билатерален самит во Ханој, Виентам, во февруари оваа година.
Изјавата беше пренесена од официјалниот весник на Работничката партија на Кореја, а во неа дополнително стои дека е неопходно „прилагодување на пристапот на Америка“ и „носење на исправни стратешки избори“ за да продолжи договорот кој го потпишаа претседателот на САД, Доналд Трамп и лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг-ун, во Сингапур во јуни 2018 година. Со потпишувањето на овој документ, двете земји се посветија на денуклеаризација на Корејскиот Полуостров.
Пораката, која беше испратена од портпаролот на севернокорејското МНР, дополнително вели дека придружувањето до договорот директно зависи од тоа како САД ќе одговори на нивниот „фер и разумен пристап“ кон ситуацијата. Доколку одоговорот е неадекватен, портпаролот рече дека договорот од Сингапур ќе се превори во „обичен лист хартија“.
Самитот во Ханој во февруари оваа година беше неуспешен поради тоа што стана јасно дека тимовите на САД и Северна Кореја сè уште имаат различни ставови и мислења околку намалувањето на сакнциите и денуклеаризацијата. Според „Ројтерс“, Трамп побарал Ким да се откаже од цело нуклеарно оружје и гориво пред да се намалат сакнциите. Ким го одбил ова барање.
Оттогаш, односите меѓу Вашингтон и Пјонгјанг се влошија откако Северна Кореја тестираше нова ракета и откако беше запленет севернокорејски танкер кој беше потоа обвинет за прекршување на меѓународните санкции за транспорт на јаглен.
И покрај тоа што има меѓународен консензус дека ракетните тестирања на Северна Кореја ги прекршиле меѓународните резолуции на Обединетите нации (ОН), Трамп избегнуваше јавно да ги критикува чекорите на Ким Јонг-ун. Запрашан за тоа дали го загрижуваат тестирањата на ракети од страна на Северна Кореја, Трамп рече дека не е загрижен.
– Среќен сум со напредокот на односите со Северна Кореја, и покрај тоа што не успеаја преговорите во Виетнам – истакна американскиот претседател Трамп, на неодамнешната средба со јапонскиот премиер Шинѕо Абе.