Со наметнување на инвазивниот тренд на глобализацијата како процес, општествено-политичката и економската структура во светот подлегнаа на големи промени. Сѐ повеќе егзистираме во ера во која поголемиот дел од домашниот општествен живот е определуван од светските, глобални процеси. Всушност, белег на 21 век е дека тој е врамен од еднозначно определен светски поредок, кој треба да се прикаже како прифатлив за државите и за најголемиот дел од луѓето во светот, а кој всушност треба да „обезбеди“ можност за решавање на светските проблеми
Неоспорен е фактот дека големите светски сили и денес, а и историски, се обидуваат за да имаат светска доминација, а нивните одлуки и меѓусебни односи ги обликуваат светските политички настани. Глобалната доминација е тесно врзана за тенденциите за воспоставување глобален поредок. Питер Зејхан, еден од истражувачите на тие процеси, истакнува дека денешниот светски поредок лежи врз основата на Бретонвудскиот систем, воспоставен во јули 1944 година, кога претставниците на 44 држави го потпишаа договорот за Меѓународниот монетарен фонд.
Воспоставувањето на монетарниот и трговскиот систем поткрепен од американската воена и економска моќ, како и гаранцијата за заштита од Советскиот Сојуз, овозможи придобивање на западноевропските држави. За возврат, сојузниците добија пристап до американскиот економски пазар, единствениот што функционираше по Втората светска војна, и пристап до најголемата светска морнарица. Таквиот тренд ја обезбеди доминацијата на Соединетите Американски Држави и на Западот, а беше потврден со крајот на Студената војна и распадот на Советскиот Сојуз. На 11 септември 1990 година, американскиот претседателот Џорџ Х.В. Буш, во својот говор за време на заедничката конвенција на Конгресот на САД, ги опиша своите очекувања од меѓународното владеење по Студената војна во соработка со постсоветските држави.
– Од самото постоење на светот, тој бил поделен свет, заграден со боцкава жица и бетонски ѕид, со конфликти и студена војна. Денес можеме да видиме нов свет. Свет во кој има можност за нов светски поредок – рече Буш.
Хенри Кисинџер забележува дека во сегашниот светски политички систем, западните држави имаат огромно влијание во рамките на интернационалните организации, како што се Светската трговска организација, Меѓународниот монетарен фонд и Советот за безбедност при Обединетите нации.
Глобални потреби наспроти глобална доминација над човештвото
Точно е дека денес светот има потреба од изградување заедничка политика за голем број прашања – безбедноста, миграцијата, заштитата на животната средина, заштитата на работната сила, човековите права, промовирањето на развојот, глобалното затоплување, демографската нерамнотежа и сл. Но Обединетите нации не можат (не сакаат или, пак, управувани се да не бидат ефикасни) да се справат со овие глобални предизвици. Тоа е очигледно при донесувањето на одлуките и потпишувањето на резолуциите кога се појавуваат противречностите на светските сили, а самото спроведување на резолуциите станува проблематично. Доминацијата на големите сили во Обединетите нации исто така создава парадокс, земјите од третиот свет тврдат дека моќните држави носат одлука врз основа на сопствените интереси, а светските сили како Соединетите Американски Држави, Кина, Индија и Русија се обидуваат да ги искористат ОН за да добијат легитимитет за своите интереси. Можеби е премногу храбра изјавата на некои противници на глобализмот дека мултилатералните институции (како ООН) се всушност и специјално креирани за да го спроведат процесот на глобализација…
Амазонските пожари се најсвежиот пример
Последен пример за нефункционирањето на денешниот поредок се пожарите во Амазонската шума. Францускиот претседател Макрон истакна дека регионот, иако во голем дел е бразилски, исто така е и светски проблем, бидејќи во опасност се доведени белите дробови на планетата.
– Ние го почитуваме вашиот суверенитет. Тоа е ваша земја. Но амазонската прашума е прашање што го засега целиот свет. Можеме да ви помогнеме со пошумување. Можеме да најдеме средства за вашиот економски развој, кои се во согласност со природната рамнотежа, но не можеме да дозволиме да уништите сè – рече Макрон.
Тој исто така објави дека Г7 се согласила да издвои 20 милиони долари за противпожарна заштита, како и за долгорочна иницијатива за заштита на прашумата. Меѓутоа, бразилскиот претседател Жаир Болсонаро ја одби помошта на лидерите на Г7 во борбата против пожарите во Амазонија, нарекувајќи ја колонијалистички акт и дека странците не треба да се мешаат во внатрешните прашања на Бразил. Оваа криза го привлече вниманието на светската јавност и го доведе во прашање големиот трговски договор меѓу ЕУ и Јужна Америка. Поради меѓународниот притисок, Болсонаро ја прифати помошта, но само ако неговата земја ги контролира финансиските средства.
Нова офанзива на креаторите на глобализацијата
Појавите на спротивставување на глобализацијата и нејзиното забавување ги поттикнаа инспираторите да размислуваат за нов чекор, а имено за создавање светска влада или светска држава што би можела да ги олесни донесувањето на одлуките и решавањето на кризите. Инспирирани од историјата и големите светски мислители (како на пример шпанскиот филозоф Франциско де Виторија од 16 век, кој повика на создавање република на целиот свет, Имануел Кант, кој пишуваше за федерација на слободните држави, Јохан Готлиб Фихте, кој предлагаше универзална монархија над целиот христијански свет), приврзаниците на глобализацијата го цитираат Херберт Џорџ Велс, кој истакнуваше дека светската држава ќе донесе светски мир и правда. Но во исто време тие забораваат да напоменат и дека Адолф Хитлер и нацистите беа поттикнати од истите идеи и на истата матрица се обидоа да го осмислат своето видување за светската држава.
Интересен поглед има Александар Кожев, една од најенигматичните фигури во филозофијата на 20 век. Кожев истакнува дека германскиот филозоф Хегел бил во право кога тврдел дека светската историја завршила во 1806 година, со Битката на Јена. Кожев беше свесен дека во годините по 1806 година имаше светски настани, меѓутоа за него тоа беше само „обединување на провинциите“. Кожев ја истакна историјата на Јапонија како пример за случувањата во светската политика. Имено, денес светот потсетува на јапонскиот период сенгоку (ера кога земјата е во војна), историски период што се карактеризира со социјални немири, политички интриги и постојани воени конфликти. Овој период заврши со искачувањето на шогунот Тојотоми Хидејоши во 15 век, а Јапонија доби внатрешен и надворешен мир. Слично на Јапонија, Кожев тврди дека на крајот на историјата ќе настапи мир со создавањето една универзална и хомогена држава.
Создавањето светска влада во фокусот на анализите на интелектуалците
Во последните неколку години се појавија неколку различни и спротивни мислења за создавањето светска влада, а повеќе истакнати научници и истражувачи од различни области почнаа да ја истражуваат можноста или пожелноста од светската политичка интеграција на државите. Некои истражувачи здраво го критикуваат концептот за светска држава. Други предлагаат создавање супернационални институции што треба да обезбедат услови за решавање повеќе значајни светски проблеми. Весна Станковиќ Пејновиќ од белградскиот Институт за политички науки забележува дека идејата за светска влада во овој момент има мала поддршка од граѓанскиот и народниот дискурс.
Роберт Гудин, професор од универзитетот „Есекс“, тврди дека светската влада е во рана фаза на создавање, која се карактеризира со растечка моќ на политички авторитет, воениот капацитет и финансиите, со тенденција кон оформување светска држава, а самото создавање на светската влада ќе биде процес на неколку генерации. Строб Талбот во својата колумна од 1992 година истакна дека за еден век, националните држави ќе застарат, а сите држави ќе признаат еден светски авторитет, без да го посочи. Во 1993 година, економистот Фред Бергстен ја претстави можноста од појава на единствен внатрешен пазар на светско ниво, со единствена валута. Харвардскиот економист Дани Родрик предложи создавање федерална светска влада. Наводно, во овој поредок, националните влади нема да исчезнат, меѓутоа нивните ингеренции ќе бидат ограничени од наднационални законодавни, изврши и судски власти, а светската влада ќе се грижи за светската економија.
Д.Х. Даниел го отфрли хиерархискиот модел и предложи систем на полуавтономни републики во рамките на една федерална структура. Питер Сингер предложи модел сличен на сегашната Европска Унија, кој би овозможил значителни придобивки за сиромашните во светот, заштита на животната средина, заштита на работна сили и др. Марта Нусбаум предлага многу поширок систем на светско управување за усогласување на државите во областите на животната средина, работните стандарди, човековите права, промовирање на развојот и сл. Томас Поге се залага за вертикално ширење на суверенитетот, односно државите се откажуваат од некои од аспектите на суверенитетот во корист на наддржавни институции за координирање на економските и еколошките политики. Од друга страна, еден дел од суверенитетот се отстапува на поддржавните, полуавтономните групи.
Источна противтежа, рамнотежа или нов светски тренд
Инвазијата врз Ирак покажа дека воената моќ на САД е ограничена, а финансиската криза од 2007/2008 година, која предизвика голема рецесија и должничка криза ја разниша самодовербата на Западот. Светскиот поредок денес се соочува со растечката моќ на Кина видлива во проектот „Еден појас, еден пат“ и нејзините инвестиции од милијарди долари низ целиот свет, а засилувањето на кинеското влијание води кон судир помеѓу денешниот светски хегемон Соединетите Американски Држави од една страна и Кина од друга.
Нивните доста затегнати заемни политичко-економски односи се особено видливи во трговската војна, која има влијание врз светската економија, одбивањето на Кина да учествува во разговорите за нуклеарно разоружување и испраќањето на кинеската воена морнарица во Персискиот Залив.
И Хенри Кисинџер, анализирајќи ги меѓународните односи, истакнува дека денес живееме во политички неред, меѓународниот поредок нема јасни или договорени цели, методи, принципи и граници. Кина, Русија и исламскиот свет не ги прифаќаат постојните меѓународни „правила“ на САД и Западот. Но и многу движења на Западот, како што се жолтите елеци, отворено се спротивставуваат и имаат силни референци против глобализацијата. Ако досега оние што се спротивставуваа беа некои држави и институции, сега сѐ повеќе тоа се неформални групи и движења на поединци, без востановена хиерархија. Дали фронтот за борба против светската хегемонија се шири исфрлајќи ги во прв план постулатите на француската револуција? И тоа на сите полиња: економско, социјално, политичко, па и национално?