Талибанците влегоа на аеродромот во Кабул
Неколку часа откако последниот американски авион го напушти Кабул, завршувајќи ја 20-годишната војна во Авганистан, Талибанците го окупираа аеродромот во Кабул.
Аеродромот, кој служеше со денови за евакуација на сојузниците, од утрово е целосно во рацете на талибанците, 17 дена откако влегоа во Кабул. Ова исто така значи дека талибанците сега имаат целосна контрола над Кабул.
– Светот сигурно ја научи лекцијата и ова е момент на победа во која уживаме. Кабул ќе биде безбеден и луѓето немаат потреба да се грижат – рече портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид, додавајќи дека групата сака да воспостави добри односи со САД.
Талибанските водачи утрово симболично прошетаа по пистата на аеродромот и прогласија победа.
– По 20 години, ги победивме Американците. Ги нема и сега нашата земја е слободна. Јасно е што сакаме. Сакаме Шеријат, мир и стабилност – рече Мохамед Ислам, талибански чувар на аеродромот, држејќи „калашников“.
Според дописникот на „Њујорк тајмс“ талибанските власти велат дека ќе го отворат аеродромот за неколку дена и дека луѓето со визи ќе можат да си заминат.