Планетата стравува од последиците додека беснеат пожари во шумите во Сибир и во дождовната шума Амазон, како и од бројот на шумски пожари во Европската Унија (ЕУ), кој се зголемил за трипати годинава
Разорен оган ги уништува шумите на Сибир, додека на другиот крај од светот гори и дождовната шума Амазон, а бројот на шумските пожари во Европската Унија (ЕУ) се зголемил за трипати годинава, со што станува извесно дека станува збор за глобален проблем, кој ќе има сериозни последици, пренесуваат светските медиуми.
Заедничко за пожарите во Сибир и во Амазон е големото испуштено количество чад. Над Сибир има облак што зазема површина од седум милиони квадратни километри, што е значително поголема во однос на површината на ЕУ, која изнесува 4,476 милиони квадратни километри. Во Амазон е создаден сличен феномен, каде што се проценува дека површината во Латинска Америка зафатена од чадот изнесува околу 3,2 милиони квадратни километри. „Гринпис“ проценува дека пожарот во Сибир емитирал исто количество јаглероден диоксид како и 36 милиони автомобили во текот на една година.
Научниците предупредуваат дека густите слоеви чад можат да влијаат врз локалните временски услови, спречувајќи го протокот на сончевата енергија, но и формирањето на облаците. Ваквата појава влијае врз загревањето на атмосферата, како и врз ладењето на површината.
Во ЕУ, пак, се забележани 1.626 шумски пожари годинава, што е повеќе од трипати во однос на просекот забележан во изминатата деценија, кој изнесува 464 пожари годишно, според податоците на Информацискиот систем за европски шумски пожари (ЕФФИС).
Иако пожарите се чести во северната хемисфера помеѓу мај и октомври, научниците проценуваат дека силината на пожарите оваа сезона е поголема од која било друга во последните 16 години. Пожарите пустошеа далеку на север, а научниците беа загрижени дека шумските пожари ќе го зафатат и тресетот.
Во тресетот се наоѓаат големи количества јаглерод и, во случај на пожар, од тој слој се испуштаат рекордни количества јаглерод диоксид во атмосферата.
Според Марк Парингтон, постар научник во европската служба за следење на атмосферата „Коперник“ (КАМС), во пожарите се ослободиле околу 100 мегатони (100 милиони метрички тони) јаглерод диоксид. Од почетокот на јуни, КАМС регистрира над 100 интензивни и долготрајни пожари во Арктичкиот круг.
Како што се затоплува планетата, се топи сè поголема површина на замрзнат тресет и замрзната почва и се ослободуваат големи количества јаглерод.