Во Саудиска Арабија е укината забраната за жените да возат возила, која беше единствена во светот. Реакциите на одлуката се поделени. Едни ја сметаат за позитивен тренд, а други нагласуваат дека постојат уште многу други забрани поради кои Саудијките и понатаму се граѓани од втор ред во кралството
Саудијките вчера првпат по повеќе децении можеа да седнат во автомобил да го притиснат педалот за гас и да го почувствуваат асфалтот на патиштата во Саудиска Арабија откако кралот ја укина единствената забрана во светот жените да возат автомобили. Одлуката со која се укинува забраната лани во септември ја донесе кралот Салман, во рамките на реформите што ги спроведува крунисаниот принц Мохамед бин Салман. Многумина сметаат дека историската реформа, што се сметаше за симбол за угнетување на жените, е чекор напред кон нова ера на подобрување на социјалната еднаквост во конзервативното кралство, пишува „Гардијан“.
– Подготвени сме и тоа целосно ќе го промени нашиот живот – изјави Самира ал Гамди (47), психолог од Џеда и една од првите жени што во Саудиска Арабија доби возачка дозвола.
Укинувањето на забраната за возење за жените беше поздравена од западните сојузници на саудиското кралство, кои го оценија како позитивен тренд. Тоа, меѓутоа, беше проследено со жесток судир со противниците на владејачкото кралско семејство, меѓу кои имаше и активистки што се бореа за укинување на забраната за жените. Тие во меѓувреме завршија во затвор, но сепак жените за чии права се залагаа сега ќе можат слободно да возат, наведува Ројтерс.
Три милиони жени во Саудиска Арабија би можеле да добијат возачки дозволи и да почнат да возат до 2020 година, прогнозира консултантската фирма „Прајсвотерхаус куперс“. Саудиското кралство од почетокот на месецов почна да ги издава првите возачки на жените по повеќе децении, а некои од нив ги менуваа странските дозволи за домашни откако полагаа тестови. Во земјата веќе се отворија повеќе автошколи за жени во кои тие учат да возат автомобили, џипови, а некои од нив дури и мотоцикли „харли дејвидсон“, глетка што беше незамислива пред само една година, посочува „Гардијан“.
Меѓу жените има и такви што се научиле да ги возат возачи, па велат дека не се осмелуваат да возат на прометните саудиски патишта.
– Секако нема да го засакам возењето. Сакам да бидам принцеза со некој што ми отвора врата и ме вози каде што треба – вели 22-годишната Фајза ал Шамари.
Сепак, оние што решиле да возат во голема мера се соочуваат со отпор од конзервативните семејства и роднини. Загриженоста дека жените-возачи можат да бидат малтретирани во земјата во која правилата за строга полова сегрегација спречуваат контакти на жените со мажи што не им се роднини, доведе до усвојување нов закон минатиот месец, со кој на сторителите на сексуално малтретирање им се одредуваат затворски казни и високи парични казни.
Министерството за внатрешни работи планира првпат да вработи жени како сообраќајни полицајци, иако засега нема информации кога ќе ги распореди на патиштата. Како што посочува Ројтерс, се очекува таа одлука во земјата во која до неодамна беа забранети кинопроекции и концерти, да овозможи развој на економијата, особено во сферата на продажбата на автомобили и осигурувања. Тоа, исто така, ќе охрабри повеќе жени да бараат работа и ќе ја зголеми продуктивноста, иако скромно во почетокот. Автосалоните веќе почнаа да објавуваат театрални реклами, а приватните гаражи веќе определија делови со натпис „за дами“.
Реакциите на социјалните мрежи се главно позитивни. Други, пак, изразуваат потсмев или загриженост за тоа какви ќе бидат општествените последици од укинувањето на забраната. Младото население, кое претставува огромно мнозинство во Саудиска Арабија, главно ги поддржува реформите на принцот, но многумина стравуваат дека брзината со која се носат би можела да предизвика реакции на некогаш доминантните верски конзервативци. Се шпекулира дека апсењето на десетиците активистки за унапредување на правата на жените има цел токму да ги смири конзервативните елементи, а и да им испрати порака на активистите да не претеруваат со барањата.
Дури и со укинувањето на забраната за возење, Саудиска Арабија останува една од земјите со најголеми ограничувања за жените, на кои и понатаму им е неопходна дозвола од сопрузите или од машките роднини за важни одлуки, како патување во странство или стапување во брак. Активистите веќе поведоа кампања за укинување на тој „старателски“ систем.
Долгогодишната саудиска активистка Хала Алдосраи посочува дека жените во оваа земја и понатаму се граѓани од втор ред.
– Најлошо од сѐ ќе биде ако овие ситни реформи и замолчувањето на феминистките го забават обидот на саудискиот режим да носи поопсежни реформи – нагласува таа.