Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман во емисијата „60 минути“ на телевизијата Си-Би-Ес одговори на повеќе прашања за улогата на исламот, женските права, затворањето на саудиските принцови, но и за своето богатство.
Тој истакна дека е свесен оти во Саудиска Арабија е доминантно ултраконзервативното презентирање на исламот, поради што на жените им се одземени човековите права.
– Бевме жртви, посебно мојата генерација која најмногу страдаше, изјави Бин Салман за ултраконзервативниот бран кој ја зафати земјата во 1979 година.
Тој минатото лето вети дека саудиските жени ќе можат да возат автомобили.
– Жените се апсолутно рамноправни со мажите. Сите сме човечки суштества и меѓу нас нема никакви разлики, нагласи престолонаследникот.
По неговото доаѓање на власт, ублажени се одредбите за тоа што треба да облекуваат жените, зголемен е нивниот процент во работна сила, а се прават напори и за изедначување на платите меѓу мажите и жените.
Кога станува збор за домашниот притвор на над 80 саудиски принцови, бизнисмени и поранешни министри во Владата, затворени во хотелот Риц-Карлтон во Ријад, тој изјави дека морал да го направи тоа.
– Тоа што го правиме во Саудиска Арабија е многу важно и потребно. Се е направено согласно законите, објасни Мохамед бин Салман.
Му се забележува и трошењето на огромни суми пари, а од друга страна зборува за фискална одговорност и воведување нови даноци. Во медиумите се појавија информации дека купил јахта за 500 милиони долари, француски дворец за над 300 милиони долари и уметничка слика за 450 милиони долари.
– Што се однесува за моите приватни трошоци – богат сум, не сум сиромашен. Не сум ниту Ганди, ниту Мендела, нагласи саудискиот престолонаследник.