Висок саудиски претставник денеска потврди информации во локални медиуми дека државата планира да ископа канал што ќе го одвои Катар од копно и ќе го претвори во остров.
– Како граѓанин едвај чекам детали за спроведување на историскиот проект за остров Источна Салва што ќе ја измени мапата на регионот, објави на Твитер Сауд ал-Катани, советник на претстолонаследникот, принцот Мохамед бин Салман.
Катарските власти не ги коментираа написите во медиумите.
Саудиска Арабија, ОАЕ, Бахреин и Египет прекинаа во 2017 година дипломатски и трговски односи со Катар со обвинување дека поддржува тероризам. Доха ги отфрла таквите тврдења.
Советникот Катани и претходно на Твитер го споменуваше тој проект, но денешната порака е најјасна изјава за иницијативата која критичарите ја сметаат за тактички маркетиншки потег за да се провоцира Катар, а не за сериозен план. За проектот првпат беше пишувано во април, како за планови за изградба на воена база и место за префрлање нуклеарен отпад долж 60-километарски канал широк 200 и длабок 20 метри кој би се протегал по целата граница со Катар.
Трошоците за изградба се проценети на 747 милиони долари. Според локалните медиуми, во септември ќе биде објавено и името на компанијата за тој проект.