Кралството нема да ја добие потребната меѓународна поддршка без да преземе одговорност за ужасното злосторство

Блумберг

Колумна на Боби Гош

Лани во октомври, само неколку дена по убиството на Џамал Кашоги, колумнистот во „Вашингтон пост“, бев во толпата на медиумски известувачи пред саудискиот конзулат во Истанбул. Во самата близина на местото на злосторството се чудев на меѓународното внимание посветено на убиството на припадникот на мојата професија и се прашував колку долго ќе трае ваквиот интерес.

Претпоставив дека ќе трае неколку недели, можеби и месеци, но мојот професионален цинизам не дозволува голем оптимизам. За новинарите, убиството е ризик што го носи професијата. Само во годината кога беше убиен Кашоги, исто така беа убиени 53 новинари, од кои најмалку 34 од нив како последица на нивната работа. Само неколку од тие убиства се најдоа на насловните страници, но актуелни беа само неколку денови. Претпоставував дека убиството на Кашоги ќе избледи од сеќавањата на ист начин.

Со сигурност, луѓето кои се виновни за убиството, од оние кои го нарачаа и испланираа до оние што го извршија и го прикрија, се надеваа дека светот брзо ќе го заборави убиениот новинар. Нивниот професионален цинизам наложуваше оптимизам.
Сепак, едно убиство не избледува од сеќавањата. Кога се вратив во конзулатот вечерта на одбележувањето на една година од убиството на Кашоги, повторно имаше толпа известувачи. Додека стоев таму, на телефонот читав за настани и протести во негов спомен во Париз, Берлин и во Хаг.

За новинарите ова е утеха. За саудиските власти е криза што трае. Кашоги е како духот Бако од драмата „Макбет“ на Шекспир што го демне кралството и престолонаследникот, принцот Мохамед бин Салман. Духот на убиениот колумнист фрли сенка врз напорите на саудискиот принц да ја избегне вината. Известувачот на ООН што го истражуваше убиството на Кашоги во понеделникот изјави дека принцот Мохамед „имал одговорност за убиството“. ЦИА верува дека токму тој го нарачал.
Минатата недела принцот повторно се обиде да ја промени приказната. Во интервју за Си-би-ес во емисијата „60 минути“, тој призна дека имал одговорност, бидејќи убиството се случило за време на неговото владеење, но тврдеше дека не можел во секое време да знае што прават неговите три милиони вработени во владата.

Истрагата за Кашоги претставува проблем за саудискиот престолонаследник во период кога на Саудиска Арабија очајно ѝ е потребно светското внимание и солидарност. Пред помалку од еден месец беа нападнати двете најголеми рафинерии во кралството, а Иран се смета за виновник. За помалку од еден месец на тест ќе биде ставен неговиот омилен проект, првичната јавна понуда на саудиски „Арамко“, можеби највредната компанија во светот. Ова исто така ќе го помрачи налетот на економски и општествени реформи кои принцот ги воведува.

Ако принцот се самоанализира, може да се запраша зошто светот сè уште будно го следи во чекор по убиството на наметливиот новинар. Ако е расположен, може да се одлучи за какво било објаснување: безобѕирност на убиството, некадарноста на убијците, упорноста на американските медиуми, а особено на „Вашингтон пост“, и посебно на неговиот најнеомилен лик, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Исто така може да се прашува дали цврстата поддршка на претседателот Трамп е благодат како што навидум изгледа или е проклетство.

Принцот исто така може да размислува дали сега после толку време треба да ги исправи нештата, со тоа што би допуштил судење на 11 осомничени да се одвива под меѓународен мониторинг и притоа ќе го вклучи и неговиот главен советник Сауд ал Катани. Или принцот Мохамед може да се потпира на времето и дека светот во наредната година нема повеќе да прашува за Џамал Кашоги. Поради целиот мој професионален цинизам, не би бил премногу оптимистичен.

Превод: Билјана Здравковска