Саудиска Арабија гневно реагираше на резолуциите на американскиот Сенат, во кои принцот Мохамед бин Салман е посочен како главен виновник за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги во конзулатот во Истанбул. Саудиското МНР соопшти дека таквиот чекор на Сенатот претставува мешање во внатрешните работи, засновано врз „лажни обвинувања“. Американските резолуции повеќе се симболичен потег, и малку е веројатно тие да бидат преточени во закон. Сепак, тие се предупредување до претседателот Доналд Трамп за гневот на американските сенатори кон саудиските политики, пренесува Би-би-си.
– Кралството го осудува најновиот став на американскиот Сенат. Таквиот став се заснова врз лажни обвинувања. Саудиска Арабија отфрла какво било мешање во нејзините внатрешни работи. Кралството претходно потврди дека убиството на саудискиот државјанин Џамал Кашоги е гнасно злосторство, кое не ја отсликува политиката на Кралството, ниту пак нејзините институции, и ги отфрла сите обиди случајот да се оттргне од патот на правдата во Кралството – се наведува во соопштението на саудиското министерство.
Гласањето во четвртокот беше првпат некој дом на американскиот Конгрес да гласа за повлекување на американските војници од воен конфликт, во согласност со Законот за воени овластувања од 1973 година. Некои од сопартијците републиканци на Трамп му пркосеа и заедно со демократите ја усвоија резолуцијата, со 56 гласа „за“ и 41 „против“. Необврзувачката резолуција го повикува Трамп да ги повлече сите американски сили ангажирани во насилствата во Јемен, освен оние што се борат против исламистичките екстремисти. Вашингтон минатиот месец го суспендира полнењето со гориво на саудиските воени авиони, кои учествуваат во операцијата во Јемен, а ако резолуцијата биде преточена во закон, тогаш таквата практика ќе биде целосно забранета.
По оваа резолуција, Сенатот едногласно ја усвои резолуцијата со која принцот Бин Салман се обвинува за грозоморното убиство на новинарот на „Вашингтон пост“, и се инсистира Кралството да ги осуди одговорните за ликвидацијата на големиот критичар на властите во Ријад.
Саудискиот јавен обвинител претходно изјави дека Кашоги бил убиен по наредба од одметнат офицер на разузнавањето. Сепак, турските власти тврдат дека тие имаат доказ, вклучувајќи и застрашувачки аудиоснимки, дека новинарот е убиен од тим саудиски агенти и тоа по наредби од највисокото ниво на власта.