Судскиот процес против поранешниот француски претседател Никола Саркози, обвинет за корупција, заврши синоќа во Париз, а судот ќе ја објави својата одлука на 1 март 2021 година, пренесува АФП.
– Оваа афера е раскрсница за мене, но ако е цената да се дојде до вистината – подготвен сум да ја прифатам – рече поранешниот француски претседател пред крајот на рочиштето и завршните зборови на адвокатите.
– Ви ја кажав вистината во изминатите три недели, како и во притвор и за време на истрагата. Сè уште верувам во судството на нашата земја – рече Саркози, кој е обвинет дека му понудил на судијата Жилбер Азибер профитабилна работа во Монако во замена за доверливи информации од истрагата за наводни незаконски исплати за неговата претседателска кампања во 2007 година, добиени од сопственичката на „Лореал“, Лилиен Бетанкур.
Обвинителството побара четири години затвор за Саркози, поради корупција и злоупотреба на службената положба, од кои две беа условени. Истите казни беа предложени за Жилбер Азибер и Тери Херцог, со петгодишна забрана за професионална работа за Херцог.
Шеесет и петгодишниот Саркози се повлече од политиката во 2016 година.Саркози, потсетува АФП, бил мета на неколку правни истраги – од обвинувањата дека починатиот либиски претседател Моамер Гадафи ја финансирал својата претседателска кампања во 2007 година до наводното примање мито од продажба на оружје во Пакистан.
Претходно оваа недела, поранешниот шеф на француската држава ги отфрли обвинувањата во процесот на корупција, тврдејќи дека „никогаш не сторил ниту најмало коруптивно дело“, најавувајќи дека ќе оди „до крај“ за да ја измие дамката од неговото име од обвинувањата. Саркози, кој ја водеше Франција од 2007 до 2012 година, им рече на обвинителите дека вршат „лов на вештерки“, објави претходно Ројтерс.