Новите санкции на САД ја ставаат Венецуела на исто ниво со Куба, Сирија и Северна Кореја. Поголемо санкционирање е практично невозможно, но одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп отвора голем број прашања, наведува Дојче веле.
Поминаа околу шест месеци откако лидерот на опозицијата во Венецуела, Хуан Гваидо, отворено го предизвика претседателот на јужноамериканската држава, Николас Мадуро, прогласувајќи се самиот себеси за привремен државен шеф и повика на ставање крај на автократскиот режим на Мадуро. Опозицискиот лидер веднаш беше признаен од администрацијата во Вашингтон за легитимен претседател, одлука што ја поддржаа уште 50 други земји, меѓу кои и неколку членки на Европската Унија. Сепак тоа не беше доволно. Без поддршка на армијата на Венецуела, Гваидо досега не е во состојба да го истисне Мадуро од функцијата.
Од друга страна, претседателот Трамп во понеделникот потпиша указ што веднаш стапи во сила и со кој се блокирани целиот имот и имотни права на венецуелската влада во САД. Истовремено е воведена трговска забрана, па, така, Американците веќе не смеат да склучуваат зделки со Владата во Каракас.
Со тоа, според Дојче веле, Венецуела е соочена со слични ограничувања како Иран, Северна Кореја, Сирија и Куба. Засега е нејасно за колкав имот на Мадуро во САД станува збор. Најважната венецуелска сопственост, нафтената компанија „Цитго“, американска фирма-ќерка на државниот нафтен концерн ПДВСА, беше ставена под санкции уште во почетокот од годинава.
Но зошто токму сега се воведуваат нови санкции? Ова прашање отвора простор за голем број шпекулации. Но сигурно е дека постои поврзаност со речиси истовремено почнатата меѓународна конференција за Венецуела во перуанскиот главен град Лима, каде што министрите за надворешни работи и делегати од близу 60 држави се собраа за да дискутираат за излез од кризата во земјата.
Венецуела одамна се наоѓа на работ на банкрот, а Мадуро ги издржа дури и повеќедневните прекини на целокупното снабдување со електрична енергија, па, така, земјата преживува не само политичка туку и хуманитарна криза од огромни размери. Во тој контекст, од новите санкции не може да се очекува да имаат решавачки ефект.