Сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс според проценките на Си-ен-ен победи на кокусот на демократите во Невада, додека поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден е на второто место.
Си-ен-ен пренесува дека Џо Бајден според истражувањата кон крајот на јануари бил во водство во однос на Сандерс, но ситуацијата се променила.
На трето место е поранешниот градоначалник на Саут Бенд во Индијана, Пит Бутиџиџ, а четвртото место го зазеде сенаторката од Масачусетс, Елизабет Ворен.
– Трамп и неговите пријатели мислат дека ќе освојат овие избори. Тие мислат дека ќе победат така што ќе ги разделат луѓето, на основа на бојата на нивната кожа, местото на раѓање, верата или сексуалната ориентација. Ние ќе победиме така што ќе работиме токму спротивно. Ние ги спојуваме луѓето – порача Сандерс во Сан Антонио.
Сандерс претходно победи и Њу Хемпшир, а Бутиџиџ победи во Ајова.
Американските претседателски избори ќе се одржат на 3 ноември.