На историски самит во Сингапур утре треба да се состанат американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во обид да постигнат договор за денуклеаризација на Корејскиот полуостров.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун ќе разговара со американскиот претседател Доналд Трамп во Сингапур за траен механизам за зачувување на мирот на Корејскиот полуостров. Тоа е информацијата што ја пренесоа денеска севернокорејски медиуми нагласувајќи дека „времињата се промениле“.
Двајцата лидери утре ќе разговараат и за денуклеаризација на полуостровот, како и за останати прашања од интерес за двете страни.
Севернокорејскиот државен весник Родонг Синмун објави во уводник дека Пјонгјанг ќе настојува за подобрување на односите со САД.
– Дури и ако некоја држава со нас во минатото имала непријателски односи, нашиот став е дека ако ја почитува нашата автономија, ќе тежнееме за нормализација преку дијалог – наведено е во уводникот.
САД сакаат Северна Кореја да се откаже од нуклеарното оружје, но засега не е јасно што би барал Пјонгјанг за возврат.
Двајцата претседатели допатуваа во Сингапур и утре на островот Сентоси ќе имаат средба.
Првиот американско-севернокорејски самит е закажан за девет часот по локално време.
Трамп денеска имаше средба со сингапурскиот премиер Ли Хсиен Лонг, но немаше коментари за новинари. Дел од западните медиуми пренесоа дека кога ги зазеле местата, трамп му рекол на Лее: „Утрешниот состанок ќе биде особено интересен, се надевам дека се ќе мине многу добро“.
Според него, тоа е „мисија на мирот“ и очекува веќе „во првата минута“ од состанокот со Ким да дознае дали е тој сериозен.
Ли имаше вчера средба и со Ким, неколку часа откако севернокорејскиот лидер пристигна во Сингапур.
Неименуван претставник од тимот на Трамп изјави за американски медиуми дека Трамп и Ким ќе имаат состанок во четири очи што ќе трае два часа. Подоцна, како што наведе, состанокот на кој ќе има официјални лица може да трае уште најмалку еден час.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео кој е исто така во Сингапур, наведе на Твитер дека Вашингтон е посветен на „целосна и неповратна денуклеаризација на Корејскиот полуостров“.
Во меѓувреме, официјални лица од тимот на Трамп завршија состанок со севернокорејски претставници што траеше повеќе од два часа. Помпео напиша на Твитер дека разговорите биле „содржајни и детални“.
Аналитичари веруваат дека последната реконструкција во редовите на раководството во Пјонгјанг има за цел да обезбеди сигурна основа дома додека влегува во потенцијално важни разговори во странство.
– Тој потег е дел од долгиот процес на Ким Џонг Ун за замена на оние лојални на неговиот татко, со свои луѓе, вели Ли Ву-млад, професор на Универзитетот за севернокорејски студии во Сеул.
Тој смета дека од гледна точка на времето, реконструкцијата е значајна бидејќи им покажува на САД дека Пјонгјанг е искрен во врска со денуклеаризацијата.
Јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин денеска изјави дека претстојниот самит Трамп – Ким само ќе го означи почетокот на „долг процес”.
– Длабоко вкоренетиот непријателски однос и севернокорејското нуклеарно прашање не можат да се решат со една акција на состанокот меѓу водачите – изјави Мун на неделниот состанок со неговите високи помошници, објави новинската агенција Јонхап.
Според Мун дури и откако двајцата водачи ќе го отворат дијалогот, ќе треба долг процес што може да потрае една година, две години или дури и подолго за целосно решавање на прашањата.
Информацијата за самитот е на насловната страна на весникот на владејачката партија во Северна Кореја, односно единствена информација во првиот дневник на КЦТ-а која за многумина Севернокорејци е единствено достапна телевизија.
Луѓе се собираат пред монитори на станици на метрото во Пјонгјанг и гледаа инсерти од својот лидер како пристигнува во Сингапур.
– Ким во Сингапур пристигна заедно со министерот за надворешни работи Ри Јонг Хо, министерот за одбрана Но Кванг Чол и сестрата Ким, Јо Јонг – јави севернокорејската агенција КЦНА.
Ким пристигна во Сингапоур користејќи „залажување“ со авиони додека на аеродромот во Сингапур го дочека конвој возила. Еден од трите авиони кои полетаа од Пјонгјанг беше и советски Илјушин-62, личен авион познат и по називот Јастреб-1.
Тој авион на Запад е познат и како Ер-Форс-Ун (Air Force Un) што е игра со зборови на американскиот претседателски авион Ерфорс уан (Air Force One).
Личниот „Илјушин“ беше „диверзија“ бидејќи Ким пристигна во Сингапур вчера со Боинг 747 на Ер Чајна.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун го поканил американскиот претседател Доналд Трамп да го посети во јули Пјонгјанг на втора средба на високо ниво меѓу двете држави. Тоа го објави јужнокорејскиот весник Чунан илбо, повикувајќи се на извори во владата.
Според весникот, предлогот се содржел во писмо предадено на Трамп на 1 јуни од заменик претседателот на ЦК на Корејската работничка партија. Весникот нагласува дека тогаш и двете страни изразиле подготвеност за продолжување на контактите на највисоко ниво.
Mедиуми во Сеул објавија дека претседателот Мун Џае-ин ќе отпатува во Сингапур на 13 јуни, ден по самитот Трамп-Ким, да објави крај на официјално незавршената Корејска војна (1950-1953).