На какви сѐ теми ќе разговараат двајцата најмоќни политичари во светот, рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Џо Бајден, беа актуелностите што ја окупираа светската јавност вчера, непосредно пред одржувањето на самитот во Женева. Во тој правец, до затворањето на весникот, западните медиуми информираа дека жешките теми поврзани со случајот на рускиот опозиционер Александар Навални, настаните на Блискиот Исток, Украина, климатските промени, но и корона-кризата ќе бидат областите на кои ќе се кршат копјата на интереси на земјите што ги претставуваат Путин и Бајден.
Имено, пред почетокот на средбата, голем број аналитичари и аналитички центри не ја криеја големата скепса за тоа што би донела американско-руската средба на врвот, иако некои од нив информираа дека видувањето лице в лице ќе испрати добра порака и дека и едната и другата страна, барем пред светот, ќе си придадат важност кога е во прашање кроењето на светската геостратегиска мапа. Од она што беше најавено пред состанокот, предвидено беше првото видување на двајцата претседатели лице в лице да помине без високи тонови и да трае меѓу 4 и 5 часа, а може и повеќе. Па, така, пред вчерашниот состанок претходеа неколку унилатерални акти од двете земји поединечно, што покажа дека ривалството на глобалната сцена не само што не престанало туку и се засилува. Русија пред самитот во Женева ги окарактеризира САД за непријателска земја, па следуваше протерување на дипломатите, а Бајден го нарече Путин „убиец“.
Во меѓувреме слично беше и од другата страна, каде што САД заедно со НАТО непосредно пред самитот ја сместија Русија во делот на „една од светските закани“. Инаку, на почетокот на средбата, советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, оцени дека односите меѓу Москва и Вашингтон се во ќор-сокак и дека состанокот може да помогне во подобрување на ситуацијата. Според најавите, предвидено беше дека претседателите ќе одржат одделни прес-конференции по состанокот, кој требаше да заврши некаде по 17 часот, по средноевропско време.