Италијанскиот заменик-премиер и лидер на крајната десница, Матео Салвини, рече дека Европските избори создале „нова геофрафија“ на антиелтистичкиот поглед во Европската Унија. Но, тој е далеку од сигурен дека ќе може да ги обедини партиите околу неговите евроскептични, антимигрантски и антиисламистички политики, пренесува „Асошиејтед прес“.

Партијата на Салвини доби голема популарност и освои 34 отсто од гласовите на Европските избори кои се одржаа во неделата, во споредба со изборите од пред пет години, кога неговата партија освои само шест отсто гласови. Сега контроверзниот италијански лидер се надева и сака да обедини 100 до 150 европски пратеници во еден парламентарен блок, за да се бори за подлабока интеграција во парламентот каде има 751 пратеник.

Крајниот десничар се надева на поддршката од лидерите во Полска, Унгарија и Британија, кои се големи евроскептици, за да го креира овој политички блок.

– Нивните победи значат дека има голема желба за иднина, промена, работа и достоинство – рече Салвини.

Сепак, досега нема никакви индикации дека лидерите од другите популистички партии ќе одговорат на повикот на Салвини.

Најџел Фараж, лидерот на партијата Брегзит, освои една третина од гласовите на Европските избори во Велика Британија, не изгледа заинтересирано за било какви алијанси во парламентот кој планира да го напушти што е можно побрзо. На полските националисти од конзервативната партија Право и правда, не им се допадна тоа што Салвини и француската десничарка Марин Ле Пен имаат симпатии и кокетираат со Русија, која е стар ривал на Варшава. Ниту унгарскиот лидер Виктор Орбан не покажува знаци дека ќе го напушти централно-десничарскиот европски парламентарен блок кој е дом на неговата Фидеш, и покрај тоа што партијата е суспендирана околу загриженоста дека тој ја направил Унгарија помалку демократска земја.