САД и Полска објавија дека ќе ја зголемат својата воена соработка со цел да се соочат со опасноста од руската територијална агресија.
Според новиот договор, Доналд Трамп вели дека ќе испрати дополнителни 1.000 војници во Полска, под услов Полска да плати за изградба на нова воена база.
Марчин Заборовски од Центарот за анализа на европската политика во Варшава изјави за „Добра утро Европа“ дека руската интервенција на Крим е причина за зголемената загриженост во Полска.
– Полска е до Украина, Украина и понатаму е воена област која беше нападната од Русија. За првпат во Европа по Втората светска војна имаме територијална анексија, бидејќи Русија успешно присвои дел од друга земја во Европа. Ова е веднаш до Полска, а Полска има над еден милион Украинци кои се селат во Полска како последица на руската политика – изјави Заборовски.
Полскиот претседател Анджеј Дуда, исто така, размислува за купување борбени авиони Ф-35 од Вашингтон.
– Мислам дека полската политика за јавни набавки е многу неизбалансирана во овој момент. Тоа не беше кажано на директен начин, но од Полјаците се очекува да учествуваат во купување на американска опрема, која во овој момент не им е потребна. Полска има многу поитни потреби за јавни набавки во поглед на воздушната одбрана и одбрана од ракетни системи, која ја купува во мал број. Значи, се чини дека стратешкиот сојуз кој Полска сега го склучи со САД има комерцијален елемент. Сакате да бидете сојузник на Соединетите Американски Држави, мора да купите од Америка, така оди тоа – рече Заборовски.