Соединетите Американски Држави ја почитуваат можноста на украинските православни верски лидери и следбеници да тежнеат кон автокефалност во согласност со нивните убедувања, соопшти Стејт департментот.
Во соопштението се наведува и дека САД го почитуваат Севселенскиот патријарх „како глас на верска толерација и меѓуверски дијалог“.
– САД силно ја поддржуваат верската слобода, вклучувајќи ја и слободата на членови на групи да управуваат со својата религија во согласност со своите убедувања и да ја практикуваат својата вера слободно, без мешање на влади – истакна портпаролката на Стејт департментот Хедер Нојерт.
Во соопштението стои и дека САД непоколебливо ја поддржуваат Украина и нејзиниот територијален интегритет пред, како што се наведува, „руската агресија во источна Украина и руската окупација на Крим“.