Американското Министерство за правда подигна обвиненија против кинеската технолошка компанија „Хуавеј“, две нејзини филијали и една од извршните директорки Менг Ванжу, која е обвинета за измама на банки во врска со работењето на компанијата и кршење на американските санкции против Иран.
Компанијата во одвоен случај е обвинета и за наводна кражба на трговски тајни од „Т-Мобиле“, соопштија американските сојузни обвинители.
Овие два случаи веројатно ќе ги зголемат тензиите меѓу САД и Кина, кои веќе се во трговска војна, коментираат американските медиуми, потсетувајќи дека САД минатата година повторно воведе целосни санкции кон Иран, откако американскиот претседател Доналд Трамп најави повлекување на Вашингтон од меѓународниот нуклеарен договор.
„Хуавеј“ денеска издаде соопштение во кое ги негираше обвиненијата против него, додавајќи дека е побарано челниците на компанијата да разговараат за истрагата со американски обвинители по апсењето на Менг, но оти тоа барање било одбиено.
Технолошкиот гигант соопшти дека „не е свесен оти Менг направила нешто лошо“ и изрази уверување дека американските судови на крајот ќе дојдат до истиот заклучок.
Менг, која е финансиска директорка на „Хуавеј“ и ќерка на основачот на компанијата, негираше дека направила нешто незаконско.
Во меѓувреме и кинеското Министерство за надворешни работи ги осуди „политичките манипулации“ кои стојат зад случајот што американската Влада го води против компанијата.
– Веќе извесно време САД ја користат државната власт да дискредитираат и да се пресметаат со одредени кинески компании и се обидуваат да ги задушат легитимните и легалните операции на компанијата- стои во соопштение на кинеското Министерство, во кое се истакнува дека зад овие акции „стојат силни политички мотиви и политички манипулации“.
Вен Ку, висок функционер во Министерството за индустрија и информатичка технологија, на прес-конференција во Пекинг изјави дека американските обвиненија се „не фер и неморални“.
Обвинителите бараат екстрадиција на Менг поради обвиненија дека извршила измама и манипулирала со банките во врска со работењето на „Хуавеј“ во Иран. Таа на 1 декември минатата година беше уапсена во Канада, но моментно е на слобода откако плати кауција.
Обвинителите го обвинија „Хуавеј“ дека користел компании во Хонг Конг да продаде опрема за Иран што претставува крешење на американските санкции. „Хуавеј“ работел во Иран преку компанијата „Скајком“, а Менг наводно ги лажела американските банки дека двете компании се одвоени.
Освен тоа, компанијата е обвинета за перење пари и спречување на правдата.
Според обвинението, „Хуавеј“ првично тврдел дека компанијата „Скајком“ не е поврзана со него, а подоцна било кажано дека имала само ограничени операции во Иран и оти не ги прекршила санкциите.
Во одвоен случај, „Хуавеј“ е обвинет дека ја украла технологијата Тапи (Tappy) на „Т-Мобиле“, која имитира човечки прсти и се користи за тестирање на паметни телефони.