Американскиот Стејт департмент порача дека милитантната група претставува опасност за САД и бара од Европа да заземе поцврст став
САД го обвинија Хезболах дека милитантната група складирала резерви на оружја и амониум нитрат за употреба за експлозиви низ Европа во изминатите неколку години, со наводна цел за подготовка за идни напади под наредба од Иран. Обвинението го упати координаторот за борба против тероризмот во Стејт департментот, Нејтан Сејлс, кој побара од европските држави да заземат поцврст став во однос на либанското шиитско политичко движење и паравојска, кое е поддржано од страна на Техеран, пренесува „Гардијан“.
Тврдењето дека Хезболах пренесувал и чувал резерви на амониум нитрат во Европа следуваше шест недели откако се случи експлозијата причинета токму од амониум нитрат во магацин на пристаништето во Бејрут, што предизвика катастрофални штети по либанскиот главен град. Сè уште е во тек истрагата околу експлозијата и околу тоа како хемикалијата што се користи како ѓубриво, но и за производство на експлозиви, завршила во магацин на пристаништето шест години откако била конфискувана од брод. Се смета дека Хезболах имал значително влијание врз раководењето со пристаништето во Бејрут, соопшти „Гардијан“.
– Можам да соопштам дека резерви со оружја на Хезболах биле пренесувани преку Белгија во Франција, Грција, Италија, Шпанија и Швајцарија. Исто така можам да потврдам дека значителен број резерви на амониум нитрат беа откриени и уништени во Франција, Грција и во Италија. Имаме причина да веруваме дека сè уште се одвиваат вакви активности. Од 2018 година постои сомнеж дека постојат резерви на амониум нитрат во рамките на Европа, особено во Грција, Италија и во Шпанија – порача Сејлс преку видеообраќањето пред Американскиот еврејски комитет, која е американска група на интерес.
Сејлс исто така додаде дека е јасно зошто Хезболах би складирал резерви на амониум нитрат на европска територија, односно за да може да извршува терористички напади секогаш кога неговите нарачатели од Техеран ќе сметаат дека е неопходно.
Европската Унија (ЕУ) го означи военото крило на Хезболах како терористичка група, но не и неговото политичко крило, поради недостиг од едногласност во однос на тоа прашање. Велика Британија и Германија на почетокот од оваа година целосно ја категоризираа организацијата како терористичка група, а САД лобираат во преостанатиот дел од Европа да се следи нивниот пример.
– Хезболах претставува јасна и актуелна опасност денес по САД, но и по Европа. Во крајна линија, пристапот на ЕУ од 2013 година едноставно не даде плод.
Ограниченото категоризирање на таканареченото воено крило на Хезболах не ја одврати групата од подготовки за терористички напади низ континентот. Хезболах продолжува да ја смета Европа за клучна платформа за неговите оперативни логистички активности, но и за такви за собирање средства. Ова ќе продолжи и во иднина ако Европа не преземе одлучна акција, како што сторија Велика Британија и Германија – истакна Сејлс.
Американските обвиненија беа упатени во период на постепено зголемување на тензиите со Иран откако Доналд Трамп ги повлече САД од нуклеарниот договор со Техеран од 2015 година и почна да наметнува пошироки санкции и економско ембарго.
Викендов САД побараа американските санкции врз Иран повторно да стапат во сила, по петгодишна суспензија по нуклеарниот договор, иако речиси сите други членки на Советот за безбедност на Обединетите нации го оспоруваат правото на САД повторно да го актуализираат наметнувањето на санкциите.