Американската војска соопшти дека денеска успешно тестирала нов клучен ракетен систем.
Системот претставува пресвртница и потврда на американската способност да одговори на сите ракети од среден дострел, што би биле лансирани од земји како што е Северна Кореја, се наведува во соопштението.
Системот Аегис, кој е користен во најновото тестирање, има вградени пресретнувачки ракети СМ-3А, кои се развиени во заеднички проект на компанијата „Рејтеон“ и огранокот на јапонската компанија „Митцубиши“ што се занимава со тешка индустрија.
Ракетите ќе бидат дел и од одбранбениот систем Аегис стациониран во Романија и Полска.
За дел од ракетниот штит што се наоѓа во Полска се очекува да биде оперативен во 2020 година.
САД го активираа ракетниот штит во Романија во 2016 година, што ја налути Русија.
На почетокот на декември САД и дадоа на Русија рок од два месеца „да се врати на почитување“ на Договорот за забрана на ракети со среден и краток дострел во Европа. Во спротивно, Вашингтон најави ќе ги стопира своите обврски од тој договор.