Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп најави воведување на 25 проценти царини на европските производи: француските вина, италијанското сирење и вискито од шкотско потекло, додека одцарини се спасија италијанските вина, тестенини и маслиново масло, како одмазда за незаконски европски субвенции за „Ербас“, пренесуваат светските агенции.
Канцеларијата на трговскиот претставник на САД (УСТР) објави список на стотици европски производи на коишто ќе им бидат наметнати нови царини, откако Светската трговска организација (СТО) донесе одлука дека САД имаат право да воведе царини до 7,5 милијарди долари за да ја надоместат штетата. Новите давачки стапуваат на сила на 18 октомври.
На списокот за нови царини се наоѓаат голем број на европски производи, вклучително и бисквити, салама, јогурт и путер, но во многу случаи списокот се однесува само на производи од некои земји на ЕУ, како што се на пример кафе од Германија и делови за камера или британска волна и прекривки, пренесува „Ројтерс“.
Вашингтон исто така ќе воведе царини за 10 проценти на европските патнички авиони, што би можело да ги погоди американските компании кои претходно нарачувале „ербаси” вредни милијарди долари. Царинските давачки, меѓутоа, нема да бидат наметнати на европските делови на авиони кои се составуваат во фабриката на „Ербас“ во Алабама, како и за европските делови на авионите „Боинг“.
Економските експерти предупредуваат дека воведувањето на новите царини може да доведе до трговска војна на САД со Европа.