Администрацијата на претседателот Доналд Трамп ги прошири санкциите против Русија и додаде 38 руски олигарси, државни директори и компании.
Американското Министерството за финансии соопшти дека проширените санкции се одговор на „штетната агенда на Кремљ која се состои од малициозни онлајн кампањи и напори да се поткопа западната демократија, па се до воените дејствија во Украина и Сирија“.
Списокот на санкции вклучува седум руски милијардери и 12 компании во нивна сопственост. Додадени се 17 високи официјални лица, една државна компанија за продажба на оружје и банка, филијала на таа компанија.
Канцеларијата за контрола на странски капитал при Министерството за правда воведе санкции против Кирил Шамалов, сопруг на ќерката на рускиот претседател Владимир Путин. Шамалов пред три години доби заем во висина од една милијада долари од државната банка „Газпромбанк“.
Во списокот се вклучени повеќе познати лица од руската елита како Олег Дерипаска, Сулејман Керимов, Виктор Векселбер, како и Алексеј Милар, шефот на државниот енергетски гигант „Газпром“. Од останатите високи официјални лица во списокот се наоѓаат Николај Патрушев, секретар на Советот за безбедност на Руската Федерација и Александар Жаров, раководител на „Роскомнадзор“, државна агенција за надзор на врски, инфорамациска технологија и масовни комуникации.
Капиталот во сопственост на сите овие поединци, кој се наоѓа на територија на САД, ќе биде замрзнат. Од друга страна, постои забрана американски компании и поединци да вршат бизнис со сите именувани во списокот на санкции.
– Руските власти се одговорни за повеќе штетни активности низ целиот свет, како што е окупацијата на Крим и провоцирање насилство во источна Украина, снабдување на режимот на Асад со опрема и оружје, со кои тие ги бомбардираат сопствените граѓани, се обидуваат да ги поткопат западните демократии и користат малициозни кибер активности – изјави Стивен Мнучин, државен секретар за финансии.
Тој додаде дека руските олигарси и елити кои профитираат од рускиот корумпиран државен систем нема повеќе да бидат заштиени од последиците на дестибилизирачките активности на нивната влада.
Според Белата куќа, под санкции досега се ставени 189 руски поединци и компании, поради мешање во избори, врски со сирискиот режим на Асад, како и акции поврзни со Украина и Северна Кореја.
Кремљ засега нема коментар за најновите санкции воведени од САД.