Изјавата на Трамп дека зема потенцијално опасен лек против маларија и веста дека повеќе лица во Белата куќа се заразени со коронавирусот ја засили дебатата за тоа кој би можел да го замени Трамп на претседателската функција

Американскиот претседател Доналд Трамп откри дека зема лек против маларија за да се заштити од новиот коронавирус, иако здравствените експерти предупредуваат на можни фатални несакани последици. Изјавата на Трамп ја разгоре дебатата во САД што би се случило ако Трамп не може да ја извршува претседателската функција и кој би го наследил, а експертите предупредуваат на уставна криза ако ниту потпретседателот не може да ја врши функцијата.
Тестирањата покажаа дека лекот против маларија, хидроксихлорокин, може да предизвика сериозни срцеви проблеми. Истражувачите велат дека кај пациентите што го земаат лекот против маларија заедно со антибиотикот азитромицин, ризикот од срцев удар е многу поголем во однос на лицата што не земаат ниту една од терапиите.
Трамп на 18 мај изјави дека неговиот лекар не му препорачал хидроксихлорокин, но дека тоа го побарал од лекар на Белата куќа.
– Почнав да го земам лекот затоа што мислам дека е добар. Слушнав многу добри приказни – рече претседателот на САД.

Трамп откри дека ги зема и лекот против маларија, хидроксихлорокин, и антибиотикот азитромицин. Претседателот на САД повеќепати се залагаше за употреба на лекот против маларија, но ниту една опсежна ригорозна студија засега не утврди дека тој е ефикасен за спречување или лекување на ковид-19.
Трамп почнал да ги зема лековите откако еден од неговите соработници имаше позитивен тест на коронавирус, на 6 мај. Два дена подоцна, позитивен тест имаше и Кејти Милер, портпаролка на потпретседателот на САД, Мајк Пенс, и сопруга на помошникот на Трамп, Стивен Милер. Три члена на работната група на Белата куќа за справување со коронавирусот во САД веќе се во 14-дневен карантин поради можна изложеност на коронавирусот.

Ниту Трамп ниту Пенс немаат позитивен тест на коронавирус, но можноста претседателот или потпретседателот да не може да ја извршува својата функција ги соочува САД со голема уставна криза со спротивставени тврдења кој има право да ја извршува функцијата шеф на Белата куќа.
Дваесет и петтиот амандман на Уставот на САД му овозможува на Трамп да му ја предаде контролата на потпретседателот на САД и потоа да ја врати веднаш штом ќе се изјасни дека се чувствува добро и може да ја извршува функцијата. Џорџ Буш Постариот кратко стана в.д. претседател по неуспешниот атентат врз претседателот Роналд Реган во 1985 година, а Џорџ Буш Помладиот двапати го стори тоа за време на неговиот претседателски мандат.

Ако и претседателот и потпретседателот на САД не се способни да ги извршуваат функциите, Законот за претседателска сукцесија од 1947 година предвидува претседателската функција да ја врши спикерот на Претставничкиот дом, што во случајот значи демократката Ненси Пелоси.