САД изразија сомнеж во способноста на Турција да организира фер избори во момент кога во земјата е во сила вонредна состојба.
– За време на вонредна состојба ќе биде тешко да се спроведат слободни, фер и транспарентни избори, согласно турското законодавство и меѓународните ангажмани на Турција – изјави портпаролката на Стејт департментот Хедер Наварт.
Таа потсети дека во Турција во сила е вонредна состојба веќе две години, по неуспешниот обид за преврат во јули 2016 година.
– Имаме загриженост во врска со нивната способност да го сторат тоа за време на таква вонредна состојба – истакна Наварт.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган соопшти дека на 24 јуни во земјата ќе се одржат предвремени парламентарни и претседателски избори.