Администрацијата на САД го одоложи воведувањето нови санкции кон Москва, откако американскиот претседател Доналд Трамп го стопира планот за дополнителни економски казнени мерки кон Русија, тврди „Вашингтон пост“.
Американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли вчера во интревју за Си-Би-Ес најави дека САД ќе воведат нови санкции кон руски компании, додавајќи дека деталите за овие мерки дополнитечно во текот на денот ќе ги објави секретарот за финансии Стивен Мнучин.
Според „Вашингтон пост“, изјавата на Хејли предизвикала вознемиреност во Белата куќа, по што Трамп веднаш свикал состанок со своите советници за национална безбедност.
Извор од Белата куќа за весникот тврди дека на средбата Трамп изјавил дека е вознемирен од најавата на санкциите, во услови кога сė уште не е подготвен за нивно воведување и кога за таквиот план знаеле само мала група луѓе.
Истиот извор наведува дека администрацијата сериозно го разгледува воведувањето економски санкции кон Русија, заедно со други мерки, но дека Трамп сė уште не дал конечно одобрение за нивно спроведување.
„Вашингтон пост“ оценува дека малку е веројатно оти Трамп ќе воведе нови санкции кон Русија, доколку Москва не преземе дополнителни чекори кои би испровоцирале реакција на Вашингтон, и дека засега стратегијата за економски казни е ставена на чекање.