Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп загуби обид да убеди федерален суд да дозволи долгорочно затворање на семејства мигранти, што претставува значително правно назадување во агендата за миграција на претседателот, пишува „Њујорк Тајмс“.
Во пресуда која е против речиси секој аргумент на Министерството за правда, судијката Доли М. Ги од Федералниот окружен суд во Лос Анџелес смета дека нема основа да се измени досегашниот пропис со кој децата мора да бидат пуштени во лиценцирани програми за нега во рок од 20 дена. Владата тврди дека долгорочното затворање е единствениот начин да се избегне одвојување на семејствата кога родителите се притворени поради кривични обвиненија.
Судијката Ги изјави дека барањето на администрацијата да го измени декретот, договорот Флорес од 1997 година, е „циничен обид“ да се префрли политиката за миграција во судовите, „по повеќе од 20 години конгресна неактивност и лоши ивршни акции кои довеле до сегашниот ќор-сокак“.