САД ќе распоредат дополнителни 500 американски војници во Германија, рече министерот за одбрана, Лојд Остин, што претставува пресврт во однос на планот на поранешната администрација за повлекување на силите.
Поранешниот претседател, Доналд Трамп, кој имаше затегнати односи со своите сојузници во НАТО, најави дека ќе повлече 12.000 припадници на американската војска од Германија, каде што се сместени најголемиот број американски сили во Европа – вкупно 35.000.
Новиот американски претседател, Џо Бајден, ги запре ваквите намери.
– Ние ги запревме плановите за повлекување – потврди Остин на прес-конференција во Берлин, која ја одржа заедно со германската колешка Анегрет Крамп-Каренбауер.
„Мислам дека одлуката за испраќање дополнителни 500 припадници на американската војска зборува за нивото на нашето партнерство и нашата посветеност кон НАТО“, додаде Остин.
„Дополнителните сили ќе ги зајакнат одвраќањето и одбраната во Европа“, рече американскиот министер за одбрана.