Соединетите Американски Држави повторно ќе бараат екстрадиција на основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, со цел поткажувачот да биде суден на американско тло, на рочиштето кое почнува денеска во Лондон, пренесуваат светските медиуми.
Американските власти изјавија дека се разочарани од одлуката на британската судијка Ванеса Барајцер, која во јануари го одби барањето за екстрадиција на Асанж, а чија одлука беше донесена врз основа на неговото ментално здравје и веројатноста тој да посегне по својот живот во американски затвор. Вашингтон тврди дека судијката бил „заведена“ и премногу се потпирала на сведочењето на психијатрискиот експерт на Асанж, Мајкл Копелман.
Педесетгодишниот Асанж беше уапсен во 2019 година, откако помина седум години во еквадорската амбасада во Лондон, каде што одбегнуваше екстрадиција за судење во Шведска, на кое требаше да се соочи со обвинувања за сексуален напад, кои подоцна беа отфрлени.
Адвокатите кои ги застапуваат Соединетите Американски Држави се надеваат дека ќе го екстрадираат Асанж, кој се соочува со 17 обвиненија за шпионажа и едно обвинение поврзано со објавувањето на тајни воени документи од војните во Авганистан и Ирак. Доколку биде осуден во САД, Асанж се соочува со максимална казна од 175 години затвор.
Асанж е обвинет за кршење на американскиот закон за шпионажа при објавувањето на американските досиеја, како и за хакирање. Ребека Винсент од Репортери без граници, тврди дека Асанж бил мета поради неговите активности и неговиот придонес за известувањата на јавноста.
– Американскиот претседател Џо Бајден ја пропушти шансата да се оддалечи себеси од неговите претходници во врска со случајот на Асанж – изјави Винсент пред новинарите, и го повика Бајден да го откаже случајот.
Основачот на „Викиликс“ не доби помилување од поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, чија политичка кампања стекна предност поради објавените материјали кои ѝ наштетија на неговата противкандидатка на претседателските избори во 2016 година, Хилари Клинтон.