Кинеското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека САД мора да престанат со „неразумното истиснување од пазарот на кинеските компании”, како што е „Хуавеи”.
Американската Влада вчера објави дека воведува нови ограничувања за кинескиот гигант „Хуавеи”, со што ќе му биде ограничена можноста за користење американска технологија при создавањето полупроводници.
На прашањето на британските медиуми дали официјален Пекинг ќе преземе контра мерки против САД, кинеското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека земјата цврсто ќе ги брани законските права на своите компании.
Американското Министерство за трговија вчера соопшти дека новите ограничувања имаат за цел да ги спречат напорите на кинеската компанија да ги поткопа постојните американски санкции.
Новото ограничување е одвоено од напорите на администрацијата на претседателот Доналд Трамп за забрана на продажбата на американска технологија на „Хуавеи”. Американската Влада пред една година оваа кинеска компанија ја стави на црната листа и ја прогласи за ризик за националната безбедност.
На некои американски компании, меѓутоа, се уште им е дозволено да работат со „Хуавеи”, а таа опција ќе биде можна уште 90 дена, се навеудва во одлуката донесена неделава.
Многу американски компании искористија бројни дупки во законот, па продолжија да го снабдуваат „Хуавеи” со чипови, што не биле направени во САД.