Вашингтон сѐ повеќе се фокусира на кинеската стратегија „два океана“, чија главна одлика се интензивните операции на кинеската морнарица во Тихи Океан и во Индиски Океан
Американската војска ја преименува својата досегашна Пацифичка команда во Индопацифичка команда, со што го рефлектира сѐ поголемото внимание на администрацијата во Вашингтон кон кинеската стратегија „два океана“. Главен елемент на новата стратегија на Пекинг се интензивните операции на кинеската морнарица во Тихи Океан и во Индиски Океан.
Во Националната безбедносна стратегија за 2018 година, американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис ја идентификува големата конкуренција за моќ од Кина и Русија како централен предизвик за напредокот и безбедноста на САД. Северниот Атлантик стана централно бојно поле во натпреварот со Русија, принудувајќи го Вашингтон да ја реактивира Втората флота во август 2018 година, откако беше деактивирана во 2011 година.
Преку иницијативата Појас и пат, интересите на Пекинг повеќе не се ограничени на Пацификот, и сега се протегаат и на Индиски Океан. Кина во Џибути ја отвори својата прва поморска база на африканскиот континент, а има и пристаништа во пакистанскиот град Гвадар, како и во Хамбантота во Шри Ланка и во Мјанмар.
Во Пацификот, растечката поморска доминација на Кина се протега преку т.н. Прв островски синџир. Првиот синџир, безбедносен концепт развиен во 1950-тите од државниот секретар Џон Фостер Дулс, ги поврзува Курилските Острови на северот и јапонските острови со Тајван, Филипините и Индонезија. Пекинг планира да ги спречи непријателите да оперираат во Првиот синџир во евентуален конфликт и да се бори за контрола на Вториот островски синџир, кој ги поврзува Јапонија и американската стратегиска поморска база на Гуам.
Американската Индопацифичката команда е одговорна за речиси половина од површината на Земјата, протегајќи се од водите на западниот брег на САД до западната граница на Индија. Подалеку на запад одговорноста ја имаат Централната команда на САД и Петтата флота, која е стационирана во Бахреин.