Тројца луѓе се уапсени поради сомнение дека воделе компании за т.н. „бебе-туризам“ за кинески клиенти во јужна Калифорнија, САД, пренесува Си-ен-ен. За прв пат во историјата на САД, кривично се гонат луѓе за оваа практика, изјавија тамошните надлежни лица.
„Бебе-туризам“ или „туризам на раѓање“ претставува практика во која трудници патуваат во странски земји за да се породат, за потоа нивното дете да добие државјанство на таа земја. Во САД, по правниот принцип на „јус соли“, сите деца родени во земјата добиваат државјанство, додека на пример во Швајцарија и Јапонија, новороденчињата добиваат државјанство само ако најмалку еден нивни родител исто така е државјанин на земјата.
Тројцата притворени засега не дале изјава за медиумите, а според информациите од надлежните, сите се обвинети за делото „заговор за извршување имиграциски измами, меѓународно перење на пари и кражба на идентитет“.
Си-ен-ен пишува дека обвиненијата произлегуваат од полициски акции спроведени во 2015 година на повеќе таканаречени „родилни“ хотели кои најчесто се опремени станови каде потенцијалните мајки плаќаат меѓу 15 до 50 илјади долари за да се породат во САД, според информациите од Имиграциската и царинска управа на Соединетите држави.
Министерството за правда во САД дополнително појасни дека оваа појава се рекламирала во Кина на повеќе начини и луѓето кои ја воделе операцијата за да привлечат клиенти го нуделе најатрактивното државјанство на светот, подобар воздух и помалку загадување, поквалитетно образование, стабилна политичка ситуација, приоритетни места за работа во Америка и бенефити за живеење во странство.
Во обвиненијата стои дека организаторите ги советувале жените да носат широка облека за да сокријат дека се бремени кога влегувале на територијата на САД.
– Ваквиот тип на случаи и шеми на организиран криминал ги повредуваат имиграциските закони кои им дозволуваат на странците да ги посетат САД, доколку тие се искрени во своите намери кога влегуваат на територијата на земјата – изјави државниот обвинител Ник Хана.
– Вкупно, во целата акција се обвинети 19 луѓе, а Донјуан Ли (41) кој е еден од трите уапсени наводно примил вкупно 3 милиони американски долари преку меѓународни трансфери на пари од Кина во период од две години, за повеќе од 500 случаи поврзани со оваа криминална дејност – информираат од Си-ен-ен.
Другите двајца уапсени, Мајкл Веи Јуех Лиу (53) и Џинг Донг (42), се обвинети за раководење на компанијата наречена „Среќно бебе во САД“, која за вакви услуги наплаќала дури 100 илјади долари. Во обвинението додатно стои дека Лиу и Донг искористиле 14 различни банковни сметки за да примат повеќе од 3,4 милиони долари од Кина во периодот од 2013 и 2014 година.
Другите 16 луѓе кои се обвинети се смета дека избегале и сега се сметаат за бегалци. Сите обвинети се поврзани со компаниите кои се бавеле со овој тип на работа, најчесто со богати клиенти од Кина.