САД ги користат мерките за ограничување во работењето на дипломатските мисии воведени од Русија, како изговор за запирање на конзуларните услуги, тврди заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, во интервју за РБЦ.
– Постојано ги предупредувавме Американците дека во отсуство на позитивен одговор на нашите предлози од нивна страна, за тоа како да ги дефинираме условите за работење на институциите во странство, работите може да добијат сериозен пресврт. Ова имплицира рестрикции и, ако е потребно, целосна забрана за вработување локален персонал, а сега тоа се случи.
Американците ја користат оваа ситуација како изговор да се справат со некои свои проблеми поврзани со работењето на конзуларните институции – посочи тој.
Рјабков истакна дека, и покрај притисокот извршен врз руските институции во САД, тие продолжуваат да функционираат без ограничување во нивните конзуларни услуги.
– Продолжуваме, колку што е можно, да работиме без да го намалиме нивото на обезбедени конзуларни услуги. Имаме намера да го правиме тоа и во иднина – нагласи тој.
Тој, во исто време, истакна дека САД можеа да се воздржат од носење одлука за ограничување на издавањето не-имигрантски визи и ограничување на конзуларните услуги, но американската страна не е подготвена за компромиси.
– Досега, во чекорите на САД не гледаме ништо друго освен демонстративни мерки. САД не се занимаваат со тоа да им обезбедат услуги на луѓето и овде и таму – заклучи високиот дипломат.