САД денеска воведоа санкции против турскиот Секретаријат за одбранбена индустрија, неговиот директор Исмаил Демир, како и некои други вработени.
Причината е купувањето на рускиот ракетен систем „С-400“, соопшти Министерството за финансии на САД.
Санкциите вклучуваат забрана за добивање дозвола за извоз во САД, како и замрзнување на имотот, но и визни рестрикции за директорот Демир и уште тројца вработени, пренесува „Ројтерс“.
Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, изјави дека САД ѝ ставиле јасно до знаење на Турција дека купувањето на рускиот систем „С-400“ ќе ја загрози безбедноста на американската воена технологија и на персоналот.
Тој ја повика Турција да го реши прашањето со ракетниот систем во координација со САД, пренесува „Ројтерс“.
Пред објавувањето на санкциите, турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, рече дека заканата е вознемирувачка.
– Очекуваме поддршка од нашиот сојузник во НАТО, САД, во борбата против терористичките организации и силите што имаат планови за нашиот регион, а не санкции – истакна Ердоган.