Познат како 30-30-30-30, американскиот план предвидува НАТО да има на располагање 30 копнени баталјони, 30 авионски ескадрили и 30 брода, кои за 30 дена ќе можат да бидат подготвени за одговор на руската агресија, наведува Ројтерс

Американската администрација ги притиска европските сојузници да подготват за борба нови баталјони, бродови и авиони на НАТО за одбрана од напад од Русија. Секретарот за одбрана Џим Матис ќе побара поширока поддршка за планот во текот на состанокот на министрите од Алијансата, што ќе биде подготовка за теренот за лидерскиот самит во јули. Познат како 30-30-30-30, планот предвидува НАТО да има на располагање 30 копнени баталјони, 30 авионски ескадрили и 30 брода, кои за 30 дена ќе можат да бидат подготвени за одговор на руската агресија, наведува Ројтерс.

Во планот, како што пренесува новинската агенција, не е наведен точниот број на војници, ниту пак крајниот рок за усвојување на стратегијата. Сето ова е голем предизвик за европските влади, кои се критикувани од американскиот претседател Доналд Трамп за намалување на трошоците за одбраната по Студената војна, да ги надминат старите проблеми, како што се приземјените авиони и хеликоптери поради недостиг од резервни делови.
– Имаме противник (Русија), кој преку копнен напад може брзо да навлезе на Балтикот или во Полска. Го немаме луксузот да си дозволиме повеќе месеци за мобилизација – изјави за Ројтерс висок функционер на НАТО, кој е запознаен со американските планови.

Извори од Вашингтон тврдат дека иницијативата првично е насочена кон соочување со Русија и е во согласност со Националната стратегија за одбрана на Пентагон за 2018 година, во која Москва е обвинета дека се обидува да „ја потресе Алијансата“.
Ланските воени маневри во Русија, во кои, според западни претставници учествуваа 100.000 војници, исто така предизвикаа загриженост за опасноста од случајни конфликти, кои може да бидат почнати од таквите маневри или, пак, од навлегувањето во проруските региони во Балтикот. Кремљ категорично ги отфрла таквите тврдења и наведува дека НАТО е безбедносна закана за Источна Европа.
– Ваквата идеја само ќе ги зголеми тензиите во сѐ почувствителниот дел на Европа – предупреди Владимир Чизов, рускиот амбасадор во ЕУ.

Со повеќе од два милиони војници, НАТО има значително повеќе војници на располагање од Русија, чиј активен состав има околу 830.000 униформирани лица. Руската анексија на полуостровот Крим ја поттикна Алијансата да формира мали сили за брзо реагирање и распореди четири баталјони на Балтикот и во Полска, поддржани од американски војници и опрема. Но, Ројтерс оценува дека сѐ уште не е јасно колку брзо НАТО ќе може да распореди голем број војници на источното крило и колку долго ќе може да ги одржува. Франција веќе е „растегната“, поради распоредените војници во мисиите во Африка, а со скратувањето на буџетот, Британија го намали обемот на силите подготвени за распоредување.

Во истражувањето од 2016 година, спроведено од „Ренд корпорејшн“, се наведува дека Британија, Франција и Германија би можеле за еден месец да состават бригада со три или повеќе баталјони, придружувани од тенкови и други оклопни возила. Но нивните ресурси ќе бидат значително оптоварени, оставајќи мал капацитет на располагање за други конфликти.
Исто така не е познато како предлогот 30-30-30-30 ќе се вклопи со другите иницијативи за подобрување на европската борбена готовност и за надминување на проблемот со дефицит на оружје и друга воена опрема. Европската Унија лани во декември го усвои одбранбениот пакт, чија цел е развој на сили за кризни ситуации и за заедничка соработка на развој на нови хеликоптери и бродови. Францускиот претседател Емануел Макрон цели кон формирање европски „сили за интервенција“, предводени од Франција.
– Имаме само одреден број сили во Европа, и тие не може да бидат посветени на секој воен предлог – заклучува висок дипломат на Алијансата во изјавата за Ројтерс.

 


Расмусен: Русија може за неколку дена да ја окупира Украина

Во случај на воен судир меѓу Русија и Украина, украинските сили би биле поразени за неколку дена, оцени поранешниот генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, кој во моментов му е советник на украинскиот претседател Петро Порошенко.
– Ако Русија сака, руските сили би можеле да ја окупираат Украина за неколку дена, иако изминативе две-три години Украина значително го зајакна својот воен потенцијал како одговор на нападот на нејзината територија – порача Расмусен во интeрвју за германски „Велт“.
Според него, иако нема сомнеж оти земјите-членки на НАТО се подготвени да се справат со моќен напад на руските тенкови, сепак најдобар начин за одржување на мирот е одвраќање на потенцијалниот противник. Расмусен смета дека Русија може да му се придружи на НАТО во кој било момент доколку ги исполни неопходните критериуми.
– НАТО меѓутоа досега не доби најава за нешто такво од Москва, а да бидам искрен мислам и дека ништо нема да се промени ниту во блиска иднина – заклучи тој.