Швајцарската полиција во август уапсила двајца руски разузнавачи во Давос, кои наводно планирале подготовки за шпионски активности за време на одржувањето на Светскиот економски форум.
Швајцарските медиуми пренесуваат дека уапсените Руси имале дипломатски пасоши и набргу по апсењето биле пуштени, а еден од нив наводно се претставил како водоинсталатер.
Руската амбасада во Берн соопшти дека медиумите се обидуваат да направат скандал од ништо и дека за инцидентот разбрале од медиумите, како и дека немаат податоци дека двајца руски државјани биле испитани во август.
Форумот во Давос беше отворен завчера. Како што се наведува, полицијата на кантонот Граубунден почнала да се сомнева кога добила информации дека двајца Руси планираат да останат во Давос три недели, но не е објаснето кои шпионски операции ги вршеле двајцата.