Советски пилот, чиј авион бил соборен во Авганистан во 1987 година, е пронајден жив и здрав и сака да се врати во својата родна земја, соопшти руската војска.
Шефот на руските падобранци Валериј Востротин го оцени како исклучително зачудувачки дека пилотот преживеал и е жив денес.
– Авионот бил соборен во 1987 година, а пилотот сега веројатно има најмалку 60 години. Веројатно е во Пакистан, бидејќи таму беа стационирани сите логори за советски затвореници – вели информиран извор кој побарал да остане анонимен.
Советската воена интервенција во Авганистан траеше од 1979 до 1989 година. Кога се повлекле силите на СССР, околу 300 советски војници се сметале за исчезнати. Од тогаш, околу 30 се пронајдени благодарение на напорите на нивните семејства и на Комитетот на поранешни советски војници. Повеќето од нив се вратија во своите родни земји.
– Пронајдениот пилот на авион, чие име засега не се открива, исто така, сака да се врати во својата родна земја, вели Вјачеслав Калинин, заменик-директор на организација на ветераните. Според него, преговорите со авганистанските дипломати се во тек за да го потврдат неговиот идентитет и да го организираат неговото враќање.
– Изненадувачки е што тој го преживеал не само соборувањето на авионот, но и дека со децении немало никаква информација за него, вели Калинин.