Рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Вершинин, денеска разговарал со генералниот директор на израелското Министерство за надворешни работи, Алон Ушпиз, за ситуацијата во израелско-палестинскиот конфликт, пренесува ТАСС.
– Страните детално разговараа за актелната состојба во конфликтот меѓу Палестина и Израел, со акцент на потребата за деескалација на тензиите што е можно побргу и осигурување соодветна безбедност за израелските и за палестинските цивили – вели руското МНР во својата изјава.
Вершинин и Ушпиз се осврнаа и на итните прашања во израелско-палестинскиот мировен процес, што моментно го разгледуваат Советот за безбедност на ОН и Генералното собрание на ОН.
Размената на ракетен оган меѓу Израел и Појасот Газа, која трае од понеделникот, беше активирана по немирите во џамијата „Ал-Акса“ во Ерусалим,, каде што во изминатите неколку дена беа повредени стотици луѓе.
Судирите меѓу Палестинците и израелските полицајци избувнаа откако израелскиот суд донесе одлука за иселување неколку палестински семејства од градската населба Шеик Џара и предавање на имотот на еврејски доселеници велејќи дека тие го поседувале пред 1948 година.
Израелските медиуми денеска објавија дека девет Израелци загинале во тековните ракетни напади, а според Министерството за здравство на Појасот Газа, во израелските напади загинале 119 Палестинци, а повеќе од 600 биле повредени.