Германското сојузно обвинителство денеска обвини руски државјанин за планирање терористички напад во Германија заедно со соучесник, кој во Франција, во одвоен случај, беше уапсен во 2017 година.
Обвинителството денеска соопшти дека 31-годишниот маж, идентификуван само како Магомед Али К., бил уапсен во август 2018 година. Обвиненијата на сметка на уапсениот се однесуваат на 2016 година. Во октомври 2016-та тој во својот стан чувал поголеми количества супстанција за експлозив – ТАТП. Со него, како што тврди истрагата, имал намера да создаде бомба во соработка со уште еден соучесник, кој е уапсен во Франција во врска со друг случај. Бомбата требало да биде активирана некаде на територија на Германија и да убие што е можно поголем број луѓе. Поради некакви полициски мерки кои се спроведувале во тоа време, подготовките за нападот биле попречени, објаснува Обвинителството. Двајцата мажи решиле да се разделат. Магомед-Али К. останал во Берлин, додека Клементи Б. заминал за Франција. Таму е уапсен на 18 април 2017 година, заедно со уште едно осомничено лице.
ТАТП е експлозив што се изработува едноставно, а во неколку наврати беше користен од страна на припадниците на терористичката „Исламска држава“ при извршувањето на напади во западниот дел на Европа во текот на последната година.
Германските обвинители тврдат дека францускиот и рускиот државјанин биле во контакт со Анис Амри, Тунижанецот кој во декември 2016 година во Белрин изврши терористички напад на пазар, но дека тие не знаеле за неговите планови.