Руските тајни служби покажаа дека се способни да удрат дури и во срцето на Западот, но безбедносниот експерт Кристофер Неринг вели дека тие се обележани со неуспесите и со ограничените ресурси, во неговата анализа за „Дојче веле“.
Досега, 2021 е година на руското разузнавање, со четирите спектакуларни операции разоткриени во последните четири месеци. Во Берлин, Јенс Ф., електричар со минато во Штази, беше фатен како ги продава плановите за конструкција на Бундестагот на тајни агенти во руската амбасада, во Бугарија беше разоткриена наводна руска шпионска мережа, а во Италија капетан на фрегата беше фатен при продажбата на воени информации. Во Чешка, пак, министерството за внатрешни работи тврди дека идетификувало припадници на руското воено разузнавање (ГРУ) како одговорни за експлозиите во магацин за оружје во Врбетице, во 2014 година.
– Сирија, Либија, Централна Азија, Кавказ и особено Украина – руските тајни служби, пред се ГРУ, се во воена состојба. А цели на нападите се поддржувачите на руските воени соперници – се наведува во анализата на „Дојче веле“.
Русија е голема сила и во глобалната сајбершпионажа, но последните разузнавачки акции покажуваат дека човечкиот фактор уште е важен. Во средиштето на случаите на шпионажа се најдоа луѓето кои беа откриени во нивните активности. Грешката на руските разузнавачи влијаеше врз разоткривањето на нивните операции. Членови на тајната Единица 29155 патувале во Чешка, Бугарија и во Обединетото Кралство користејќи ги истите лажни идентитети и фалсификувани пасоши.
Руските тајни служни покажаа дека се способни да оперираат низ цела Европа. Но западните безбедносни експерти сметаат дека користењето на истите разузнавачи во повеќе акции е знак за ограничените ресурси, исто како и обидите за добивање на информации за САД и за НАТО преку трети држави.